На кампот се присутни над 250 деца од 20 држави, а Македонија партиципира со седум џудисти

Во Будва, Црна Гора, под покровителство на Европската џудо-унија (ЕЏУ), се одржува тридневен европски детски џудо-камп. На кампот се присутни над 250 деца од 20 држави, а Македонија партиципира со седум џудисти, предводени од стручните лица и џудо-тренери Дејан Мицкоски и Филип Макаловски. На почетокот од кампот присутните ги поздрави комесарот за деца во ЕЏУ, Нино Делгадо, кој ги охрабри децата да се поздравуваат на нивниот мајчин јазик, на тој начин воспоставувајќи културна размена.
На присутните во детскиот камп им се обрати и Кристина Пекола, потпретседателка на ЕЏУ, посакувајќи им успешен престој на учесниците во кампот, а истовремено и присуство на Европското првенство (ЕП) за сениори во Подгорица (Црна Гора), со што би им дале и поддршка на нивните репрезентативци.
Џудо-кампот започна со практични вежби за изведба на џудо-кати, дел што беше предводен од Моника Пиреда, комесарка за кати во ЕЏУ. Во делот на џудо-техниките, пак, презентација одржа трикратната олимпијка и бронзена светска медалистка Лариса Цериќ, со изведба на своите омилени техники – информира Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), која наедно им посака успешен престој на македонските џудисти на кампот и достојно презентирање на македонското џудо. Г.И.