Фото: МТФ

ТАЕКВОНДО – „СКОПЈЕ ОПЕН – РАМУС 2026“

  • На турнирот, кој носи бодови за олимписка норма, учествуваат над 1.000 натпреварувачи од 41 држава. Вчера на програмата беа борбите во сениорска конкуренција

Македонските таеквондисти во кадетска и во јуниорска конкуренција освоија три сребрени и два бронзени медали на меѓународниот турнир „Скопје опен – Рамус 2026“ од серијата Г1-Е1, по првиот натпреварувачки ден, што претставува успех. Во СЦ „Борис Трајковски“ со сребро се закитија Душица Бреслиева, Ведрана Тунески и Ненда Целески, а со бронзи Теодор Стојановски и Антонио Негријевски. На турнирот, кој носи бодови за олимписка норма, учествуваат над 1.000 натпреварувачи од 41 држава. Вчера на програмата беа борбите во сениорска конкуренција.
До среброто кадетката Тунески (категорија до 51 кг) стигна откако ги победи Лидија Алексиу (2-1) и Марија Јоаниду (2-1) од Грција и Теодора Јанковиќ (2-0) од Србија, а во финалето загуби од Викторија Кулишева (0-2) од Бугарија. Јуниорката Бреслиева (до 55 кг) славеше над Веселина Ангелова (2-1) од Бугарија и Ифигенија Комуди (2-0) од Грција, а во финалето беше поразена од Клара Углешиќ (1-2) од Хрватска. Јуниорот Целески (над 78 кг) во полуфиналето го победи Емихан Ајдин (2-1) од Турција, а во финалето загуби од Адреј-Костин Корациун (0-2) од Романија.
До бронза, пак, јуниорот Стојановски (до 63 кг) стигна откако ги победи Георги Георгиев (2-0) од Бугарија и Фран Душак (2-0) од Хрватска, а во полуфиналето загуби од Мигел Санчез (0-2) од Шпанија. Јуниорот Негријевски (до 48 кг) беше подобар од Атес Чакин (2-0) од Турција, а во полуфиналето загуби од Абалпаз Мамедови (0-2) од Грузија.
На отворањето на турнирот присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, градоначалниците Орце Ѓорѓиевски, Иван Јорданов, Сотир Лукровски, пратеникот Бојан Стојаноски, заменик-амбасадорот на САД Дејвид Маерс, амбасадорот на Кореја Донг Бае Ким, олимпискиот шампион Шабан Трстена, информираат од Македонската таеквондо-федерација (МТФ). Г.И.