ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП ВО АВСТРИЈА

Македонскиот претставник на 26. Европски клупски куп (ЕКК) во шах за жени, во австриски Мајрхофен-Зилертал, скопски Гамбит Асеко СЕЕ (2.215 рејтинг-поени, рангиран 11-ти пред почетокот на ЕКК), третпат загуби, овој пат од словенечки Тајфун (2.293, рангиран 9-ти), со 0,5-3,5, во четвртото коло од предвидените седум. На првата табла со црни фигури ФМ Белослава Крастева (2.297) загуби од поранешната светска првенка, Украинката Марија Музичук (2.297), ЖВМ Викторија Радева (2.263) ремизира со ИМ Лаура Унук (2.352), ЖИМ Сандра Ѓукиќ (2.138) загуби од ЖИМ Зала Урх (2.221), а Ива Манова (1.876) од ЖИМ Теја Видич (2.126). По ова коло, Гамбит Асеко СЕЕ има два екипни бода (6,5 поени по табли) и е на 15-то место меѓу 17 екипи од 14 држави. Водат австриски Памхаген и романски Супербет со по седум бода.

На 37. ЕКК за мажи, меѓу 70 екипи од 26 држави, по четвртото коло во водство изби чешки Нови Бор, со осум бода (18 поени по табли), а шест екипи имаат по еден бод помалку. Супербет, за кој игра поранешниот светски првак Индиецот Вишванатан Ананд, ремизира со германски Виернхеим, а норвешки Оферспил, во чии редови е светскиот првак Магнус Карлсен, загуби од Нови Бор, со 2-4. Поединечно, Ананд го победи Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров, а Карлсен беше подобар од Индиецот Пентала Харикришна. Г.И.