ТАЕКВОНДО – ТУРНИР „БУГАРИЈА ОПЕН 2026“
Таеквондистката на ТК Бутел од Скопје, Ведрана Тунески, ги освои третото место и бронзениот медал во кадетска конкуренција на силниот меѓународен таеквондо-турнир „Бугарија опен 2026“ од серија Г2-Е2, што е голем успех за надежната македонска таеквондистка. Тунески, која настапи во категоријата до 51 кг, ги победи Анастасија Балич (2-0 во рунди) од Украина и Марија Јоаниду (2-0) и Марија Андреу (2-0) од Грција. Во полуфиналната борба загуби од претставничката на Ирска, Луца Меистиникаите (0-2).
На овој мошне силен турнир од серијата Г-2, на кој се собираат олимписки поени, во сениорска конкуренција настапија и македонските олимпијци Дејан Георгиевски (ТК Бутел) и Милијана Рељиќ (ТК Тигри), кои забележаа по една победа. Георгиевски (категорија до 68 кг) го победи Андреј Поп од Романија (2-0, нокаут), а загуби од Арциом Плонис (1-2) од Белорусија. Во оваа категорија победи Владислав Ларин од Русија, со кого Георгиевски се бореше на Летните олимписките игри во Токио во 2021 година. Во машка конкуренција настапија и Горјан Бадаровски (над 87 кг) од ТК Тигри, кој во првото коло загуби од Рихард Ханусовски (0-2) од Словачка, и Христијан Симоновски (до 68 кг) од клубот Младост, кој загуби на стартот од Илија Данилов (0-2) од Русија.
Рељиќ (до 62 кг) во првото коло ја победи Киријаки Михалопулу од Грција (2-0), а во второто коло загуби од Тамара Сево (1-2) од Србија. Јуниорката Душица Бреслиева (до 55 кг) од ТК Штип стигна до четврт-финалето. Во оваа категорија триумфира Маргарита Близнакова од Русија. Г.И.
































