ШАХ – 38. ТРОФЕЈ НА БЕЛГРАД 2025“

Македонскиот велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски продолжува со добрите игри на 38-от традиционален меѓународен турнир „Трофеј на Белград“, кој се одржува во Белград (Србија). Членот на ШК Алкалоид ја забележа и третата победа во третото коло, овој пат со црни фигури против индискиот шахист Арун Мануконда (2.043, рангиран 30-ти пред почетокот на турнирот).
Со оваа победа Станојоски (2,345 рејтинг-поени, рангиран седми пред почетокот на турнирот) изби на врвот на табелата со три поени, колку што имаат уште седум играчи. Во следното, четврто коло, на првата табла Станојоски ќе игра повторно со црни фигури, против прворангираниот пред турнирот, српскиот ВМ Михаил Брјакин (2.476).
Турнирот „Трофеј на Белград“ се игра во девет кола, а учествуваат 146 шахисти од 13 држави (шест ВМ, еден ЖВМ, пет ИМ, еден ЖИМ, 15 ФМ, два ЖФМ). Станојоски во 2006 и 2007 година го освои првото место на овој турнир, а лани, поради послаб дополнителен критериум, беше втор со ист број поени како победникот, Бо Ли од Кина. Г.И.