Во генералниот пласман првото место и „црвената“ маичка ги задржа Австралиецот
Бен О’Конор (Декатлон), со вкупно време од 40 часа, пет минути и 54 секунди
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА
Белгискиот велосипедист Вут ван Аерт (29) е победник на 10-та етапа на шпанската велосипедска трка Вуелта, што е негова трета етапна победа на годинашнава голема турнеја. Белгиецот, кој вози за тимот Висма, мина прв низ целта на делницата долга 160 км од Пуентеареас до Бајона, за време од три часа, 50 минути и 47 секунди. Во завршниот спринт тој беше побрз за три секунди од Французинот Квентин Паше (ФДЈ), додека трет беше Шпанецот Марк Солер (ОАЕ), со заостанување од две минути и една секунда.
– Мојата цел беше рано да се одвојам од групата. Да бидам искрен, ми беше тешко на првото искачување, па речиси се откажав. Имам сестран профил и кога ќе завршам во ваква ситуација, секогаш имам шанса – изјави Ван Аерт, пренесе „Би-би-си“.
Белгиецот ја задржа „зелената“ маичка и сега има 243 бода, додека второпласираниот, Австралиецот Кејден Гроувс (Алпечин), 162, а третопласираниот, Чехот Павел Битнер (ДСМ), има 81 бод.
Во генералниот пласман првото место и „црвената“ маичка ги задржа Австралиецот Бен О’Конор (Декатлон), со вкупно време од 40 часа, пет минути и 54 секунди. Втор е Словенецот Примож Роглич (Бора) со три минути и 53 секунди заостанување, а трет е Еквадорецот Ричард Карапаз (ЕКУ/ЕФ), со заостанување од четири минути и 32 секунди зад водечкиот.
Следната 11-та етапа од 78-то издание на оваа позната велосипедска трка во должина од 166,5 км беше закажана за вчера, со старт и цел во шпанскиот град Падрон. Последната 21. етапа ќе се вози на 8 септември. Г.И.