Зоран Михајлов, Елица Змејкова, Љубиша Трбоевски, Бошко Бошковски (горе), Чекоров, Лазаров (долу)

Од многуте шампиони и рекордери, оваа двојка во свое време постигна најмногу на ниво на поранешната држава. Во женската атлетика првите почести ѝ припаѓаа на Зага Иванова-Стојкова

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (352)

НИЗ АТЛЕТСКАТА ИСТОРИЈА (4)

За атлетскиот клуб Работнички има многу да се пишува. Неговата историја се вгради и во целокупниот македонски спорт и остана да се прераскажува од генерација до генерација. Оние првите што го создаваа клубот беа замените од втората, третата, четвртата и сите генерации до денешен ден, но спомените на претходниците никогаш не се бришеа и секогаш се повторуваа во сеќавањата од првите до последните генерации. Впрочем, во тоа беше големината на АК Работнички во чии редови членуваа многу познати имиња, не само на македонската туку и на југословенската атлетика.

Зага Иванова првата „ластовичка“

Кога се прелистува историјата на АК Работнички, која е содржана и во брошурата издадена од клубот по повод 25-годишнината од неговото постоење во 1970 година, ќе наидеме на интересен детаљ. Имено, ќе видиме дека првата „ластовичка“ во женскиот дел на познатиот клуб беше Зага Иванова-Стојкова. Таа како ученичка во Средното медицинско училиште во Скопје, на меѓуучилишните натпревари постигна неколку забележителни резултати. Покрај тоа што се истакнуваше во спринтерските дисциплини и во масовните кросеви, од стручњаците беше забележана и како извонредна скокачка во далечина. Нејзиниот тогашен резултат од 4,67 метри, како и оној на 100 метри, 13,3 секунди, беа ветувачки и покажуваа оти се работи за една атлетичарка со извонредни предиспозиции. Зага не ги изневери очекувањата и беше активна четири години, од 1947 до 1951 година, период во кој освои многу први места на републичките првенства. Таа беше најекспонираната атлетичарка во таборот на Работнички, а во Вардар тоа беше професорката Бистрица Крањец, која во првите повоени години беше без конкуренција најдобрата македонска атлетичарка со еден шаренолик избор на дисциплини, почнувајќи од тркачките, па преку скокачките сѐ до фрлачките дисциплини. Во атлетскиот спорт таа ќе фигурира како прва македонска рекордерка во повеќе дисциплини.

Шампионскиот тандем – Змејкова и Трбоевски

Потоа во Работнички доаѓаа и други девојки што имаа солидни резултати, а некои стигнаа и до репрезентацијата на Југославија. Во оваа пригода би ја споменал незаборавната Елица Змејкова, која во 60-тите години на минатиот век беше стандардна репрезентативка, а на крос-натпреварите на првенствата на Југославија неколку години беше на едно од првите три места. Таа беше специјалистка за овие трки, што се потврди и на Балканскиот крос во Истанбул, кога во 1962 година помина како шеста низ целта.
Змејкова беше главната sвезда во женскиот атлетски дел на Работнички, на која во 1962 година ѝ се приклучи и Нада Павлова, која во почетокот од кариерата ги бранеше боите на АК Вардар. Павлова, за разлика од Змејкова, беше поуспешна на пократките патеки и еднаш ги бранеше боите на поранешна Југославија. Инаку, неколку години порано во Работнички блесна еден атлетичар, чија појава пријатно ги изненади симпатизерите на Работнички и воопшто на македонската атлетика. Станува збор за Љубиша Трбоевски, кој, пак, како староседелец во Дебар Маало, ѝ стана миленик на публиката од ова познато скопско маало. Љубиша уште во почетокот ги покажа своите квалитети како врвен тркач на долги патеки, што беше потврдено и со освоеното второ место на првенството на Југославија на 10.000 метри, кога низ целта помина како втор зад легендарниот Фрањо Михалиќ, кој само една година порано, во 1956 година, беше втор во маратонската трка на Олимпијадата во Мелбурн. Трбоевски имаше уште неколку значајни трки и настапи за сениорската репрезентација на поранешната држава.
Интересно е да се спомене оти во Работнички пред појавата на Трбоевски најистакнат долгопругаш беше Мемо Сулејманов, кој како тркач беше доминантен од 1947 до 1951 година, а во 1949 година беше победник на 5.000 метри на железничарското првенство на поранешната држава. Потоа, Мемо помина во Вардар, а во Работнички се создаде една група тркачи на средни и на долги патеки, во која посебно се истакнуваа Боро Јојкиќ, Бранко Ѓорѓевиќ, Трајче Ивчев, Милан Матијевиќ, Раде Илиќ, Бошко Бошковски, Трајко Чекоров, Зоран Михајлов (беше и младински репрезентативец на Југославија во стипл), нешто подоцна се појавија Јанко Јакимовски и Ристо Павловски (двајцата беа младински репрезентативци на Југославија), Јован Левков и уште неколкумина талентирани момчиња.
Кога станува збор, пак, за женскиот атлетски дел на Работнички, мора да споменам оти тука поминаа десетици и десетици девојки, кои беа селектирани од Чедо Шаревски и кои главно беа ученички во Средното фискултурно училиште. Меѓу овие девојки имаше некои што постигнуваа добри пласмани на републичките првенства. Тука би ги споменал имињата на Јабланка Петревска, која беше успешна во фрлачките дисциплини, потоа Снежана Андоновска, се истакнуваше во спринтот, Милица Мешкова и Верче Илиева, кои настапуваа речиси во сите тркачки дисциплини.

Спринтерите, скокачите и фрлачите секогаш во врвот

АК Работнички во својата повеќедецениска активност може да се пофали и со извонредни спринтери, скокачи, но и фрлачи.
Еден од првите спринтери беше Георги Августовски, кој се натпреваруваше од 1945 до 1950 година. За тоа време имаше извонредни резултати на 100 метри, 11,3 секунди, и на 200 метри, 24 секунди. Тој беше и фудбалски голман и бранеше за репрезентацијата на Македонија. Потоа Работнички беше непресушен извор на спринтери. Од оние што се појавија непосредно по Августовски, прво беа Блаже Сотиров-Паневски (беше тркач и на средни патеки), Кирил Муратовски, Раде Волињец, за потоа на сцена да стапи Милан Младеновиќ, а веднаш по него и Ратко Жунгулов. Двајцата беа корпулентни, атлетски градени со резултат нешто над 11 секунди на 100 м и близу до 23 секунди на 200 метри
Откако заврши ерата на Младеновиќ и на Жунгулов, преку Душко Михајлов го добивме првиот Македонец што ја спушти границата под 11 секунди на 100 метри, со време 10,99 секунди со што го собори рекордот на Чедо Шаревски од 11 секунди. Ова се случи во 1966 година. Кога се очекуваше и понатаму да го подобрува овој резултат, тој неочекувано брзо се раздели од атлетскатa патека. Потоа спринтерскиот примат го презеде Ташко Благоев, кој од Вардар се пресели во Работнички, нешто подоцна дојде и Милош Буцевски, кој беше југословенски младински репрезентативец и учесник на Европско првенство. Негова дисциплина беше 400 метри во која стана трет во штафетата 4х400 метри на ЕП за младинци во Одеса.
Во средината на 60-тите години се појави Ѓорѓи Чадиковски, кој многу брзо се вивна во атлетското небо. Беше извонреден на патеките од 100 до 400 метри, а на младинските првенства на Југославија имаше високи пласмани. Чадиковски во 1968 година прво беше втор на 100 метри за помлади, а следната година трет меѓу постарите младинци. Во двете штафетни трки 4×100 и 4×400 метри со своите клупски другари во 1969 година беа втори, односно трети во поранешна Југославија. Спринтерскиот состав на Работнички беше засилен со Ставре Бангиев, кој заедно со Лазо Миновски дојде од Ташкент. Лазо за разлика од Ставре се натпреваруваше во повеќе дисциплини, меѓу кои 110 метри со пречки и скок со стап. АК Работнички во тоа време во имињата на Ефто Јанков, Илија Кировски и Владо Ивановски имаше тројца претставници во препонските трки на 110, 300 и на 400 метри, а Тодор Илиев беше специјализиран за делницата од 400 метри со и без пречки.
Да го завршам ова навраќање на АКР со фрлачите. Вредно е да се спомене и тоа, ако во минатото „железничарите“ имаа една рекордерска двојка, татко и син во фрлање копје, во подоцнежниот период имаше една двојка во фрлање кладиво, Спасовски, Раденко, татко, и синот Илија. За разлика од таткото Раденко, синот Илија стигна да го облече и дресот на младинската репрезентација на поранешна Југославија. Меѓу кладивашите се истакнуваше Скендер Исмаиловиќ, кој стана рекордер за постари младинци со фрлени 43 метри. Од скокачите да го споменеме и Васил Луловски, кој беше повратник во Македонија од Брашов (Романија). Тој беше третиот Македонец по Благоја Костовски-Магле и рекордерот од Вардар, Бранко Стојановски, кој во трискок ја прелета границата од 14 метри и постигна резултат од 14,18 метри. Во скок во далечина најдобро негово постигнување беше 6,78 метри.
На крајот, како што е вообичаено кога се прават вакви навраќања, ќе споменам и две личности што не беа врвни во една дисциплина, туку имаа вредни резултати во повеќе дисциплини. Овие спортисти, кога се работи за екипен натпревар, се од големо значење за клубот. А тие личности во АК Работнички во времето на 50-тите години од минатиот век, па и подоцна беа Мишко Христовски, кој настапуваше во сите фрлачки дисциплини и во скок во далечина и во височина, и големиот борец на атлетскиот терен Кочо Илиевски, кој настапуваше во фрлање ѓуле и копје, како и во скок во височина и во трискок. Ваквите спортисти секогаш се благородни и значајни за секој клуб.
Идниот понеделник ќе стане збор за истакнатите личности што беа на чело на клубот, а ќе извадам и некои поинтересни моменти содржани во рубриката „Веселата патека“, од брошурата на АК Работнички.