Македонскиот атлетичар прескокна седум метри и 63 сантиметри во скок во далечина, што беше доволно за третото место. На Балканијадата во Белград настапија 250 атлетичари од 21 земја
АТЛЕТИКА
Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски се закити со бронзен медал на Балканското првенство (БП) во Белград (Србија). Тој прескокна седум метри и 63 сантиметри на натпреварот во скок во далечина, што беше доволно за третото место.
Во првата серија тој имаше скок од 7,57 метри, кој му го донесе третото место во тој момент, за да ја подобри далечината во третиот обид, кога и го оствари резултатот од 7,6 метри. Во петтата серија Трајковски успеа да прескокне 7,62 метри, а бронзениот медал го загарантира во последната серија, кога скокна и најдалеку, односно 7,63 метри.
Ова е трет медал на Трајковски за Македонија од балканските шампионати во сала. Пред три години тој освои бронза, а лани сребро во скок во далечина. Трајковски е македонски рекордер во таа дисциплина со прескокнати 7,91 метри, во јули 2023 година, во Германија, според податоците на Светската атлетика (СА).
Првото место на годинашното Балканско првенство во сала му припадна на Божидар Сарабујуков од Бугарија, кој прескокна 8,12 метри, а среброто на Данио Дубина од Украина со скок од 7,92 метри.
На Балканијадата во Белград настапија вкупно 250 атлетичари од 21 земја. Најмногу медали освои репрезентацијата на Турција (вкупно 18), пред селекциите на Украина (седум), Романија (шест), Хрватска, Србија (по пет)… Г.И.