Фото: ЕПА

Ова е пеколно тешка трагедија, која ќе ги тишти срцата на сите нас. Но не само нас, туку и блиските пријатели од другите земји. Многу од нив ми се јавуваа и прашуваа што е тоа, што се случило. Одговор немав. Едноставно не можев да ги соберам мислите и да им објаснам што е тоа што се случи во еден убав и тивок град во оваа наша напатена Македонија

ЗОРАН МИХАЈЛОВ, ДОАЈЕН НА МАКЕДОНСКОТО СПОРТСКО НОВИНАРСТВО

Кочани, градот во кој како новинар доживеав толку пријатни спортски мигови, особено со борачите, утрово ми донесе чемер на душата. Не можев да поверувам оти тука, каде што имам толку многу пријатели, се случи една ваква трагедија.
Ги пишувам овие редови и размислувам, како се случи ова? Тагата за секој загубен живот е голема, затоа што секое од тие момчиња и девојки е нечие дете. Ова е пеколно тешка трагедија, која ќе ги тишти срцата на сите нас. Но не само нас, туку и блиските пријатели од другите земји. Многу од нив ми се јавуваа и прашуваа што е тоа, што се случило.
Одговор немав. Едноставно не можев да ги соберам мислите и да им објаснам што е тоа што се случи во еден убав и тивок град во оваа наша напатена Македонија.
Си помислив, овде страдањата никогаш нема да исчезнат, таква ни била судбината. Во овие тешки мигови, кога во срцето е присутна тагата за загинатите, не ми останува ништо друго, освен да молам Бога барем повредените да ги совладаат сите маки и тешкотии.
Сочувство добивав од многу пријатели од соседните и другите земји. Ќе одделам една, која навистина ме трогна. Легендарниот атлетичар Дане Корица, меѓу другото, ми напиша:
„Драги Зоки, од срце ти испраќам големо сочувство за трагедијата што ја снајде твојата земја. Кочани го знам, тој е убав град, со добри луѓе, жалам што ова се случи токму тука, каде што имав преку борачите и свои олимписки пријатели“.
Ми се јавуваа десетица други пријатели, сите беа вчудовидени и не можеа да сфатат, а и јас не можев да им објаснам што всушност се случи. Последната нивна порака беше „држете се“.