Тивок и скромен надвор од спортските борилишта, Владимир Егоров (26), посакува нови успеси за Македонија по освоениот златен медал на последното Европско првенство во борење, истакнувајќи ги неговата љубов кон земјава и задоволството од начинот на кој е прифатен по доаѓањето во Штип, каде што е член на боречкиот клуб Балканец.
Натурализираниот македонски борач кој потекнува од Русија, кон крајот на минатиот месец ја израдува македонската спортска јавност со злато на континенталниот шампионат во борење во Будимпешта, Унгарија, каде што во финалето го совлада бранителот на трофејот, Азарбејџанецот Алијабабас Рзазаде, со резултат 8-6 (2-0 прва рунда, 6-6 втора рунда).
– Одлично е чувството кога на улица ќе те препознаат и ќе ти честитаат за успехот и резултатите, посебно малите деца. Ја сакам Македонија и топлината на народот. Ја обожавам македонската храна, салатите, скарата, тука сѐ е вкусно и убаво – истакна Егоров за „Нова Македонија“.
Одличјето на Егоров е шесто златно за Македонија од ЕП, откако по две злата освоија Шабан Трстена и Шабан Сеидиу, како и најсјаното одличје со кое се закити Могамед Ибрагимов.
– Среќен сум што дојдов во Македонија и што станав дел од репрезентативниот тим. Горд сум на златниот медал и успехот кој го остваривме на ЕП во Унгарија. Верувам дека и во иднина ќе продолжам ја радувам Македонија со медали и успеси на европската и светска боречка сцена – изјави Егоров, кој по разговорот за „Нова Македонија“ замина во Русија, на заслужен одмор и семејна дружба со сопругата и двете деца.
Егоров кој е родум од Јакутија во Руската Федерација, веќе шест години е државјанин на Македонија и член на боречката репрезентација, а пет години членува во Балканец од Штип.
– Среќни сме што Владимир Егоров стана чен на боречкиот клуб Балканец од Штип, бидејќи од првиот ден во Штип силно го почувствувавме неговото големо позитивно влијание, било да станува збор за дружење, тренинг или натпревар – истакна претседателот на Балканец Виктор Богданов.
Конкуренцијата во руското борење е многу силна, па афирмацијата на боречката сцена и настапот на Летните олимписки игри претставуваат мотив за настап под знамето на друга држава за тамошните борачи, како што е случајот со Егоров.
– Борењето е еден од водечките спортови во Русија, а со тоа и конкуренцијата е многу силна. Затоа голем е бројот на руски борачи кои се одлучуваат на чекорот на Егоров, да се борат под знамето на друга држава, за што побрза афирмација на европската и светската боречка сцена, па и на Олимписките игри кои се сон на секој спортист – објаснува Богданов.
Со самото доаѓање во Балканец, сите во клубот ја почувствувале позитивната енергија и професионалноста на Егоров, кој своето знаење и техники веднаш почнал да ги споделува со членовите на клубот.
– Егоров потекнува од руската боречка школа која е на врвот во боречките спортови. Уште од првиот ден кога дојде овде го почувстувавме неговото позитивно влијание. Тој е голем професиналец кој несебично го споделува своето знаење и искуство со нашите борачи, посебно со најмладите кои навистина имаат што да научат од него – кажа Богданов, нагласувајќи дека управата на Балканец има долгорочни планови со Егоров, поточно за негово ангажирање како тренер по завршувањето на професионалната кариера.
Како дел од македонскиот репрезентативен борачки тим Егоров досега настапи на пет европски првенства и четири светски првенства, а има едно учество на европски игри. Покрај златото за Македонија, на ЕП има и бронза од 2019 година, а најдобриот пласман на Светското првенство е 8-то место забележано на турнирот одржан минатата година во Осло, Норвешка.
Пласмани на Егоров за Македонија
Натпреварување/категорија/резултат
ЕП 2022 до 57 кг 1 место
СП 2021 до 57 кг 8
ЕП 2021 до 61 kг 12
ЕП 2020 до 61 кг 13
СП 2019 до 57 кг 29
ЕИ 2019 до 57 кг 7
ЕП 2019 до 57 кг 3
СП 2018 до 57 кг 23
СП 2017 до 57 кг 21
ЕП 2017 до 57 кг 10