Втор е ВМ од Украина Антон Коробов со девет поени, колку што имаше и ВМ од Грузија, Бадур Јобава, но со послаб дополнителен критериум

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП ВО ЗАБРЗАН ШАХ ВО СКОПЈЕ

Словенечкиот велемајстор (ВМ) Владимир Федосеев (2.731 рејтинг-поени, рангиран прв пред почетокот) го освои златниот медал на Европското првенство (ЕП) во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди за секој потег по играч), кое се одигра во х. „Континентал“ во Скопје. По вкупно 11 одиграни кола во два дена, тој освои 9,5 поени (осум победи и три ремија), златен медал, пехар и парична награда од 4.000 евра. Втор заврши ВМ од Украина Антон Коробов (2.608, 11.) со девет поени, колку што имаше и ВМ од Грузија, Бадур Јобава (2.624, 8.), но послаб дополнителен критериум. Ланскиот шампион, ВМ од Србија Алексеј Сарана (2.654, 4.) го освои 14-то место, со осум поени.
Најдобар македонски шахист, очекувано, беше членот на ШК Алкалоид, ИМ Дејан Стојановски (2.486, 45.), кој со осум поени (пет поени и шест ремија, нови 8,3 р.п., играчки перформанс од 2.522) го освои извонредното 18-то место. Стојановски, кој е светски младински првак во брз шах од 1999 година, во 4. коло ремизира токму со Федосеев. ИМ Филип Панчевски (2.396, 72), е 57. со седум поени, додека ИМ Никола Николовски (2.364, 85.) е 67. исто така со седум поени. Успех постигна и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, кој со седум поени е трет во конкуренција на играчи не помлади од 60 години, додека најдобар Македонец до 14 години е Никола Радоњанин. За обележување е и учеството на младата Илијана Велева (11), која на ваков силен турнир освои 4,5 поени.
Најуспешна шахистка е ЖФМ од Полска, Марија Сиеканска (2.034, 199.), севкупно 48. (играа 52 шахистки). На ЕП настапија вкупно 398 учесници од 38 земји (61 ВМ, три ЖВМ, 43 ИМ, четири ЖИМ, 42 ФМ, осум ЖФМ).
Вчера на ЕП беше турнирот во брз шах (три минути плус две секунди за секој потег по играч) во 13 кола, на кој беа пријавени 361 учесник од 39 држави (60 ВМ, три ЖВМ). Прворангиран е Сарана (2.689), а најдобро рангиран Македонец е Стојановски (2.543, 33.). ЕП ќе заврши денеска со турнирот во Фишеров шах, кој за првпат официјално се игра на едно ЕП. Скопје беше домаќин на ЕП во забрзан и брз шах и во 2018 година. Г.И.