Фото: ЕПА

Во почетокот на годинава Ивана Ричардс стана првата Мексиканка што беше поканета да вози во Академијата Ф1, тркачка серија за жени, каде што тестираше болид од Формула 4. „Одушевени сме од нејзиниот развој и напредокот што го има за толку рана возраст“, изјави нејзиниот татко Хомеро Ричардс

Ивана Ричардс се надева дека еден ден ќе вози во Формула 1 (Ф1), пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Шеснаесетгодишната возачка од Мексико има добар почеток, таа е една од двете возачки што се тркаат во врвните категории во Мексико, а ја завршува првата сезона во која се натпреварува против мажи, вклучувајќи го и нејзиниот татко. На една трка до крајот на сезоната Ричардс е 15-та меѓу 24 возачи. Хомеро Ричардс е 19-ти, пишува АП.
– Секогаш кога ќе се обиде да ме поправи за работите што ги правам на патеката, јас му велам: „Не можеш да ми кажеш ништо, јас те победувам“ – вели таа низ смеа.
Ричардс и нејзиниот татко се тркаат за тимот Запата во серијата Суперкопа во дивизијата Гран туризмо Мексико, каде што автомобилите со 500 коњски сили достигнуваат максимална брзина од 250 км на час. Љубовта на Ричардс кон брзината почнала уште од рана возраст. Хомеро Ричардс се трка во Мексико во претходните две децении, а Ивана секогаш беше околу патеките. Таа почна да вози картинг на осумгодишна возраст.
– Ги сакам формула-болидите, би сакала да добијам покана да се тркам во една од нивните категории, бидејќи се обидувам да го најдам мојот пат до Формула 1. Но, ако не можам да стигнам таму, тогаш би сакал да се обидам во НАСКАР или во серијата на Индикар – изјави таа за АП.
Пет возачки учествуваа за голема награда на Ф1, но ниту една од Џована Амати во 1992 година, а само две се квалификуваа и се тркаа. Други возачки беа вклучени во тестирања по обидот на Амати да се квалификува. Последната жена што почнала трка во Ф1 била Лела Ломбарди во 1976 година, пишува АП.
– Понекогаш се поставува прашањето кога една жена ќе пристигне во Формула 1, но мислам дека вистинското прашање е кога Формула 1 ќе биде подготвена да има жена. Но, ќе пробам, ако се борите за вашите соништа, можете да ги остварите – рече Ричардс.
Во почетокот на годинава Ивана стана првата Мексиканка што беше поканета да вози во Академијата Ф1, тркачка серија за жени, каде што тестираше болид од Формула 4 во Херез де ла Фронтера, во Шпанија.
– Одушевени сме од нејзиниот развој и напредокот што го има за толку рана возраст. Навистина добро се снаоѓа во возење тежок автомобил како ГТМ. Таа треба да помине долг пат, но има убав процес – изјави Хомеро Ричардс за АП.
Водечкото тело ФИА се обидува да го зголеми бројот на жени што се натпреваруваат во мотоспортот со програма што нуди можности за талентирани млади возачки низ светот. Ричардс учествуваше во таа програма како помлада возачка, пред три години. По сезонава, планот е таа да вози формула-болиди во Европа или во САД, но Ричардс треба да најде спонзорство и место. Ричардс освои три национални титули во картинг во Мексико. Пред една година возеше во Суперкопа, како специјална гостинка за Ф1-трката во Мексико.
– Во картинг беше мешано, но главно беше против мажи, а сега се само мажи. Вистината е дека тоа прашање никогаш не ме засегало. Откако почнав со трки, во основа беше исто и немаше никакви компликации – рече Ричардс.
Од нивната база во Мексико Сити, Ричардс може да ги балансира училиштето и трките. Иако се трка со големи брзини, таа технички не е доволно возрасна за да има возачка дозвола, која може да ја добие на 18 години, но понекогаш родителите ѝ дозволуваат да го земе автомобилот за кратки релации.
– Тоа е смешен дел, на патеката одам над 200 км на час, но во реалниот свет немам возачка дозвола и морам да го побарам автомобилот на моите родители за до супермаркет. Не знам дали мајка ми е понервозна кога сум на патеката или кога возам надвор од неа – вели Ричардс, пренесе АП. Н.М.