Индијците Еригаиси и Гукеш и Узбекистанецот Абдусаторов се тројцата млади шахисти што ја минаа границата од 2.700 рејтинг-поени

ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА СЕПТЕМВРИ

Неодамнешната Шаховска олимпијада (ШО) во Индија донесе големо раздвижување на светската ранг-листа на ФИДЕ за месец септември. Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.861 рејтинг-поен), и понатаму е прв иако загуби три поени и покрај одличниот резултат, 7,5 поени од девет кола. Втор е Кинезот Динг Лирен (2.808), а трет Русинот Јан Непомнијашчи (2.792). Сепак, најголеми падови во топ 10 имаат Американците Фабиано Каруана (2.758), кој загуби 18 поени и падна од петтото на деветтото место, и Левон Аронијан (2.759), кој минусира 16 поени и падна од шестото на осмото место.
Најголемата вест, секако, е метеорскиот пораст на тројца извонредно талентирани тинејџери, кои ја минаа границата од 2.700 рејтинг-поени. Тоа се 18-годишниот Индиец Арјун Еригаиси (2.725), кој со 36 поени скокна од 48-то на 24-то место. Еден бод подобар од него е неговиот сонародник, 16-годишниот Гукеш (2.726), кој освои 27 поени и сега е 23-ти. Сепак, најголемото изненадување на ШО беше младата селекција од Узбекистан, која го освои златото, а импонира светскиот првак во забрзан шах, 17-годишниот Нодирбек Абдусаторов (2.713), кој со новите 36 поени сега е 30-ти во светот.
На женската рејтинг-листа посебно импонира 15-годишната Индијка Савита Шри (2.435), која освои најмногу поени (61) меѓу најдобрите 100 шахистки (2.435) и е на 32-то место. На првото место и понатаму е неприкосновена Индијката Јифан Хои (2.650), моментно единствена со над 2.600 поени од активните шахистки, пред Русинката Александра Горјачкина (2.579).
ВМ Кирил Георгиев (рејтинг 2.538) и понатаму води на македонската рејтинг-листа, а следуваат ВМ Никола Митков (2.497), ВМ Трајко Недев (2.475), ИМ Филип Панчевски (2.465), ВМ Владимир Георгиев (2.442) итн. Водечка македонска шахистка, пак, и понатаму е ЖФМ Моника Стојковска (2.050), додека Македонија (мажи) е на 53-та позиција (со просечен рејтинг на првите 10 играчи од 2.448 поени), меѓу 170 шаховски федерации во светот, а Македонија (жени) е 57. (1.937) од 114 шаховски федерации. Кај мажите први се САД (2.727), пред Русија (2.714) и Кина (2.697), додека кај жените води Кина (2.446), пред Русија (2.457) и Индија (2.420). Г.И.