Фото: „Нова Македонија“

Глобалната шаховска лига се состоеше од групна фаза со шест екипи и финале во кое се натпреваруваа првите два тима
Тимот на велемајсторот (ВМ) Фабијано Каруана од САД ја освои Глобалната шаховска лига за 2025 година со победа во финалето со 2-0, каде што ВМ Аниш Гири и Леон Лук Мендонка беа одлични со две победи од две партии. ВМ Алириза Фирузја повремено водеше осамена битка, оти неговата екипа не ја постигна формата што ја покажа додека доминираше во првите девет дена и не ја освои третата титула по ред, пишува шаховската интернет-страница „Чес“.
Третото место во Глобалната шаховска лига за годинава го освои тимот на светскиот шампион, Индиецот ВМ Домарају Гукеш, кој се врати од заостаток по поразот во првиот меч на денот од екипата на ВМ Вишванатан Ананд. На крајот, тимот на Гукеш ги доби двата тајбрејк-натпревари во забрзан шах, за да комплетира одличен настап што го почна со четири порази во низа, пишува „Чес“.
Во финалето екипата на Каруана славеше со 2-0 во мечеви. Во 2026 година ќе видиме тројца од победничкиот тим како се борат еден против друг на Турнирот на кандидатите за светски првак, каде што Каруана, Гири и Прагнананда ќе настојуваат да го предизвикаат шампионот Гукеш. Настанот што почна лошо за тимот на Гукеш, со четири порази во низа, на крајот заврши со триумф.
Дуелот за третото место беше одржан порано, а екипата на Гукеш славеше со 4-2. На крајот имаше четири мини-меча и само два нерешени резултата во вкупно 24 партии, пишува „Чес“.
Глобалната шаховска лига се состоеше од групна фаза, во која играа вкупно шест екипи (со по шест играчи), и финале, во кое се натпреваруваа првите два тима на табелата. Во секој меч, сите членови на тимот играа со иста боја фигури, со четири поени за победа со црна боја на фигурите и три за победа со бела боја. Сите мечеви имаа временска контрола од 20 минути, со зголемување од две секунди од 41. потег. Г.И.

Глобална шаховска лига, финале

Тим на Фирузја – Тим на Каруана 2-4 (Фирузја – Каруана 1-0, 0-1, Ји – Гири 0-1, 0-1, Гујрати – Рамешбабу реми, 0-1, Жу – Хоу реми, реми, Костењук – Батсијашвили 0-1, 1-0, Мауризи – Мендонка 0-1, 0-1)