По претпоследниот ден на 10-от шаховски турнир во Ставангер, тие го делат првото место, со по 12 поени. Годинашниот шаховски настан во Ставангер почна со турнирот со мечеви со забрзано темпо, на кој победи Весли Со
ШАХ – ВЕЛЕМАЈСТОРСКИ ТУРНИР ВО НОРВЕШКА
Актуелниот светски шаховски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, и младиот и талентиран Индиец Рамешбабу Прагнананда, по претпоследниот ден на 10-от шаховски турнир што се игра во норвешкиот град Ставангер од 31 мај до 10 јуни, повторно го делат првото место, сега со по 12 поени, откако Карлсен го совлада Хансен, а Прагнананда ремизира со Јан Кшиштоф-Дуда.
Ако резултатот е нерешен по стандардната игра, се игра т.н. армагедон за да се добие конечниот резултат. Секој шахист има 120 минути на часовникот со зголемување од 10 секунди по потегот 40. Контрола на времето при армагедон е 10 минути за белиот, а седум за црниот со зголемување од една секунда по одигран потег, почнувајќи од 41-от. За победа во класична партија се освојуваат три поени, а нема поен за пораз. Нерешено во главна партија и победа во армагедон носат по 1,5 поен, а нерешено во главната игра и пораз во армагедон еден поен.
Годинашниот шаховски турнир во Ставангер (Норвешка) почна со турнирот со мечеви со забрзано темпо (време за размислување три минути плус две секунди по одигран потег). По пет кола Магнус Карлсен беше водечки, но потоа загуби од Американецот Весли Со, кој на крајот и го освои турнирот со 6,5 поени од девет кола, еден повеќе од Карлсен.
ТАБЕЛА
ШАХИСТ РЕЈТИНГ БОД
Карлсен 2.851 12
Прагнананда 2.685 12
Дуда 2.769 11
Ле 2.765 11
Ван Форест 2.744 9
Мамеѓаров 2.724 8
Гири 2.759 6
Хансен 2.651 3