ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Македонија во Струмица в петок игра со Луксембург, а в недела со Швајцарија
Женската одбојкарска репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Стефан Пауновиќ, одбројува уште два дена до вториот настап во Европската сребрена лига, и тоа како домаќин на првиот турнир викендов, кога во салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречека селекциите на Луксембург и Швајцарија.
– Откога дојдовме во Струмица сите сме пресреќни и со нетрпение го чекаме почетокот. Ни се дава нова шанса во Европската сребрена лига. Сите сме превозбудени, се чувствуваме поподготвени, посериозни, поискусни и на нас е да дадеме сѐ од себе. Треба да се обидеме да направиме нешто, да отвориме пат за помладите и се надеваме дека присуството на нас, неколкумина поискусни одбојкарки, ќе биде доволно за од некаде да тргне работата – вели интернационалката Теа Терзиевска, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Прв противник на Македонија ѝ е репрезентацијата на Луксембург, со која ќе игра в петок од 20 часот. Потоа македонската репрезентација има слободен ден, а Швајцарија и Луксембург ќе играат од 20 часот. В недела, од 20 часот, Македонија ќе се сретне со Швајцарија. Г.И.