Фото: ЕПА

Словенецот Роглич пак изби во водство во генералниот пласман, со една секунда предност пред Педерсен од Данска

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА

Британецот Џош Тарлинг (21) ја освои својата прва етапна победа на престижната трка Џиро д`Италија возена низ главниот град на Албанија, Тирана, откако триумфира на првиот индивидуален хронометар, со време од 16 минути и седум секунди. Велосипедистот на Инеос Гренадиерс и специјалист за хронометарски трки беше побрз од Словенецот Примож Роглич само за една секунда на патеката долга 13,7 км. Но тоа сепак беше доволно Роглич, кој победи во 2023 година, да му ја одземе водечката розова маичка на победникот на првата етапа, Данецот Мадс Педерсен, и сега е во водство со една секунда предност во генералниот пласман (три часа, 52 минути, 32 секунди). Австралиецот Џеј Вајн (ОАЕ) заврши трет на етапата, со три секунди заостанување зад Тарлинг. Ова е трета победа на Тарлинг на ниво на светска турнеја, по победите на хронометар на Реневи 2023 и годинашната турнеја на ОАЕ.
– Не можам да верувам, толку сум среќен. Но чекањето на преостанатите 58 натпреварувачи да завршат не беше убаво, не сакам да го правам тоа повторно, ова беше долг ден од 13 км – рече Тарлинг по победата, кој наедно стана најмладиот победник на хронометарска трка во историјата на Џиро д`Италија и има шанса за уште една победа на хронометар на 10-та етапа, која ќе се вози на 20 мај. Третата етапа, последна во Албанија во должина од 160 км, се возеше вчера во Валона, а потоа ќе се пресели во Италија. Првпат Џиро д`Италија стартуваше надвор од Италија во 2022 година, кога имаше воведна етапа во Унгарија.
Годинава таа се вози по 108. пат, на неа се натпреваруваат 23 екипи со вкупно 180 велосипедисти, а ќе заврши на 1 јуни во главниот град на Италија, Рим, по поминати 21 етапа или 3.443,3 км. Лани на оваа трка триумфира Словенецот Тадеј Погачар. Г.И.