АТЛЕТИКА – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БУДИМПЕШТА
Фаворитите додека ги ставаа ознаките за почетното место на залетот беа некако премногу сериозни и молчеливи, сѐ до моментот кога темпераментниот Италијанец Џанмарко Тамбери седна на местото на тапанарот на музичката група, која беше постојано тука кога ги претставуваа финалистите во секоја дисциплина, покажа дека е и добар тапанар и направи еден неверојатен штимунг. Во другите финалиња имаше двојна победа на Американките во фрлање диск, Ел Бакали славеше на 3.000 м стипл, а Кипјегон беше прва на 1.500 м
Зоран Михајлов,
специјално од Будимпешта, за „Нова Македонија“
Четири финалиња и многу пресврти и возбудувања се карактеристиката на четвртиот ден од Светското првенство (СП) во атлетика во Будимпешта. Атмосферата ја подгреаја и гледачите, кои заедно со натпреварувачите направија сѐ оваа вечер да остане незаборавна.
Сѐ почна уште во моментот кога скокачите во височина се појавија на борилиштето. Фаворитите додека ги ставаа ознаките за почетното место на залетот беа некако премногу сериозни и молчеливи, сѐ до моментот кога темпераментниот Италијанец Џанмарко Тамбери не ја презеде улогата на главен забавувач. Тој во еден момент седна на местото од тапанарот од музичката група, која беше постојано тука кога ги претставуваа финалистите во секоја дисциплина, покажа дека е и добар тапанар и направи еден неверојатен штимунг. Тогаш многумина помислија дека нема ништо да направи, наместо да се концентрира на натпреварот што го очекува, тој удира по тапаните.
Помина и тоа, атмосферата беше создадена, „вриеше“ и на залетиштето и на трибините, сите беа во исчекување на почетокот на скоковите. И, во првите скокови двајцата главни фаворити, бранителот на титулата Баршим и Тамбери ја урнаа летвичката. Но кога натпреварот влезе во една посериозна фаза, атмосферата повторно се подгреа. Изненадување беше што Украинецот Проценко, кој припаѓаа на онаа висока класа скокачи и има освојувано медали на големите приредби, брзо испадна од натпреварот. Натпреварот течеше, гледачите се одушевуваа, но откако почнаа да се освојуваат височините над 2,3 метри, светскиот првак Баршим во трите обиди не успеа да прескокне 2,33 м и испадна. Тоа како да му ја олесни работата на Тамбери. Но уште не беше сѐ завршено, сега Американецот Херисон беше оној што напаѓаше. Двајцата ја прелетаа следната височина од 2,36 м, но на следната височина не успеаја. На крајот од овој драматичен натпревар поради подобра серија скокови златото му припадна на Тамбери, среброто на Херисон, а бронзата на Баршим од Катар.
ИЗНЕНАДУВАЊЕ ВО ФРЛАЊЕ ДИСК ЗА ЖЕНИ
Атлетиката нема да биде она што е ако секогаш не е подготвена да ни приреди некое изненадување. Е, тоа изненадување се случи во фрлање диск за жени. Во оваа дисциплина како први фаворитки се споменуваа Фенг од Кина и Американката Алман, која е лидер сезонава, па и Ван Клинкен од Холандија. Хрватката Сандра Перковиќ, иако не е во онаа форма од минатото, поради искуството што го има и таа беше споменувана меѓу фаворитките. Но ниту една од нив не успеа да дојде до златниот медал. Сите ги изненади втората Американка Таусага, која годинава е зад нив на ранг-листата, на десеттото место. Но таа, сакајќи да им покаже оти неправедно беше изоставена од фаворитскиот список, го фрли дискот најдалеку и победи со резултат од 69,49 метри. Втора беше Алман со 69,23 м, а трета Фенг со 68,20 м. Така овој интересен натпревар, кој сѐ до крајот беше неизвесен, заврши со двојна победа на Американките. Перковиќ беше петта, иако постигна најдобар резултат сезонава од 66,57 метри.
ВОЗБУДЛИВИ ТРКИ
Во двете финални трки на 1.500 метри за жени и на 3.000 стипл за мажи немаше изненадувања. Победија оние што се очекуваше, иако можеби во машката трка за некои поразот на новиот светски рекордер Ламеча Гирма од Етиопија дојде како мало изненадување, но Мароканецот Суфиане Ел Бакали е роден за големи трки, па затоа и неговата победа на некој начин беше очекувана. Ел Бакали е голем тактичар, дури и некогаш ако е послаб од противниците знае рамномерно да ги распореди своите сили и да дојде до триумф. Така беше и тука. Во завршницата, кога почна пеколот на патеката, тој го извлече оној резервен дел од енергијата што ја имаше зачувано и го победи светскиот рекордер. Така Мароканецот, кој беше и олимписки победник во Токио, го одбрани златото освоено на претходното СП, во Јуџин.
За убавата атлетска вечер да биде целосно комплетирана свој придонес дадоа и учесничките во финалната трка на 1.500 метри. Завршницата во оваа трка долго ќе се памети. Сѐ до крајот беше неизвесно која од атлетичарките прва ќе помине низ целта. Првопласираните три натпреварувачки од кои, сепак, најбрза беше светската рекордерка Кенијката Фатих Кипјегон пред Дирбе Вертеи од Етиопија, беа сместени во временска разлика помала од две секунди. Победничката имаше резултат 3:54,87 минути, второпласираната 3:55,69, а третопласираната 3:56,00 минути.