Фото: ЕПА

ШАХ

  • СК се одржува во Индија, според нокаут-систем во седум кола, од кој првите тројца ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите за предизвикување на светскиот првак. Неколку велемајстори со рејтинг над 2.700 поени беа елиминирани уште по второто коло

Вкупно 32 шахисти остануваат во конкуренција за освојување на Светскиот куп (СК) на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) во 2025 година, по завршувањето на третото коло. Во следното коло, шахистите што се пласираа по завршувањето на т.н. тајбрејкови во третото коло, се велемајсторите (ВМ): Веи Ји, Максим Вашер-Леграв, Ричард Рапорт, Ју Јанги, Сем Шанкланд, Сем Севијан, Алексеј Сарана, Андреј Есипенко, Нодирбек Јакубоев, Даниил Дубов и Картик Венкатараман.
Во најдолгиот меч, Французинот Вашер-Леграв двапати беше на работ на елиминација на мечот со Владислав Артемиев, но и двата пати победи, а потоа го доби мечот со бели фигури во т.н. армагедон-партија, пишува шаховскиот сајт „Чес“.
Сепак, изненадувањата продолжија со зачудувачка брзина на Светскиот куп. Неколку велемајстори со рејтинг над 2.700 поени беа елиминирани уште по втората класична партија во второто коло. Така, актуелниот светски шампион, Индиецот Димараџу Гукеш, загуби од Фредерик Сване, Аниш Гири од Александар Донченко, Нодирбек Абдусаторов од Хозе Мартинез, Шахријар Мамеѓаров од Нилс Гранделиус, Владимир Федосеев од Радослав Војташек…
Германскиот шах засега добро напредува, при што четворица Германци се пласираа во четвртото коло. Тоа се Винсент Кејмер, Матијас Блубаум, Александар Донченко и Сване. Еден од возбудливите тајбрејкови во неделата беше помеѓу најмладиот ВМ во светот, Ердогмуш Јагиз Кан од Турција, и Унгарецот Ричард Рапорт, кој со 3,5-2,5 го доби Рапорт, пишува „Чес“.
Светскиот куп се одржува во Индија, до 26 ноември. Се игра според нокаут-систем во седум кола, но првите 50 играчи влегоа од второто коло заедно со 78-те победници од првата рунда. Се играат по две класични партии, а ако биде нерешено следуваат тајбрејкови со мечеви со забрзано темпо. Првите тројца ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите за предизвикување на светскиот првак, иако некои шахисти не завист од исходот на овој Светски куп, туку дополнителното место ќе им биде доделено по друг пат во квалификацискиот систем. Г.И.