Фото: ОФМ

ОДБОЈКА

  • Денеска во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје одбојкарите на Струмица од 17 часот ќе се сретнат со Динамо Букурешт од Романија, а одбојкарките на Јанта волеј КВ од 20 часот ќе играат со Гацко од БиХ

Македонските одбојкарски прваци Струмица 47/72 во машка и Јанта волеј КВ во женска конкуренција денеска, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе настапат во првите мечеви од квалификациите за пласман во Лигата на шампионите (ЛШ). Струмичани четврта година во низа ќе бидат дел од ова најквалитетно натпреварување, но ќе имаат и тешка задача во првата рунда, оти за ривал од 17 часот го имаат најтрофејниот романски клуб Динамо Букурешт.
– Годинава сме со поскромни амбиции, со оглед на тоа што добивме квалитетен ривал како Динамо Букурешт. Резултатот за нас не е во прв план, затоа што сезонава имаме подмладен тим и ќе им се даде шанса на помладите да собираат искуство. Секако дека со поддршката на поискусните ќе се обидеме да понудиме квалитетен и достоен отпор, па зошто да не освоиме и сет – рече на вчерашната прес-конференција капитенот на Струмица 47/72, Ефтим Ричлиев, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Сличен став има и капитенот на струмичани Кристијан Илиев.
– Динамо Букурешт е фаворит, но токму таквата позиција на противникот е мотив повеќе за нас за докажување – рече Илиев.
Одбојкарките на Јанта волеј КВ премиерно ќе бидат дел од ова елитно клупско натпреварување. Одбојкарките на тренерот Никола Јаневиќ добија противник по мера, трикратниот шампион на БиХ, Гацко, со кој ќе се сретнат од 20 часот, исто така, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

– Јанта волеј КВ испишува клупска историја со учеството во Лигата на шампионите. Имаме противник по мера, со кој според анализите сме на исто ниво. Добро работевме изминатиов период, имаме две победи во домашното првенство, кои добро дојдоа и за подготовка и за кревање на атмосферата и позитивната енергија во тимот. Одиме да освоиме сет, а потоа ќе видиме што ќе донесе натпреварот – рече Јаневиќ на прес-конференцијата, пренесе ОФМ.
Капитенката Тамара Тасевска верува во успешно деби.
– Самото учество на екипата во Лигата на шампионите е голем успех за нас. Испишуваме историја, а радува нивото што го достигнавме и каде е клубот во овој момент. Девојките се одлично расположени, сплотени сме, работиме сериозно и посветено. Помлада екипа сме, но тоа го гледам како предност што носи енергија и со мотивиран пристап, се надевам на еден добиен сет, а зошто не и на мечот – изјави Тасевска.
Влезот во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде слободен за сите љубители на одбојката, а натпреварите директно ќе се пренесуваат преку регионалниот спортски канал „Арена спорт“, пишува ОФМ. Г.И.