Фото: ЕПА

На Светскиот ден на шахот, ИОК истражува како спортските ѕвезди Карлос Алкараз, Виктор Вембањама и Сем Вотсон ја насочуваат својата страст кон шахот во врвни перформанси на спортските терени

ИОК

Концентрирани интензивно, членовите на шаховскиот клуб Тадер се соочија едни против други на тераса на Плаза де лас Флорес во шпанскиот град Мурсија кон крајот на 2023 година, а облечен со дуксер со качулка, на студените ноемвриски температури, играше и локалниот жител, Карлос Алкараз, тогашниот тенисер број два во светот. Шпанецот, кој го освои својот втор гранслем-трофеј неколку месеци претходно на Вимблдон, учел шах од својот дедо како мало момче, а во интервју за спортскиот дневен весник „Марка“ објасни како тоа што е ученик на шахот му помага во тенисот, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
– Ми помага да бидам ментално побрз, да ги набљудувам движењата, да го видам движењето што сакате да го направите, стратегијата… да се концентрирам цело време. Во шахот, како и во тенисот, ако го тргнете окото од топчето за момент, можете да го изгубите натпреварот. Во тој поглед, тие се мошне слични дисциплини. Ми помага затоа што сте фокусирани, вашиот ум работи – рече Алкараз, пренесе ИОК.
Сега петкратниот победник на гранслем-турнирите не е единствената елитна спортска ѕвезда што излегува на шаховската табла за одмор и за подобрување на тактичката интелигенција, што ИОК го истражи по повод 20 јули, Светскиот ден на шахот.

– Ако сте во Олимпиското село и сакате да играте шах, испратете ми директна порака – напиша спортистот во спортско качување Сем Вотсон додека се натпреваруваше на Летните олимписки игри (ЛОИ) лани во Париз.
Американецот беше изненаден кога беше преплавен со барања од колеги шахисти од целиот свет, кои го пронајдоа неговиот онлајн профил.
– Тоа беше навистина забавно. Она што е смешно е дека објавував нешто слично претходно, но за време на Олимписките игри добив околу еден и пол милион прегледи. Толку многу луѓе што не беа во Париз го гледаа тоа видео и луѓето ја најдоа мојата сметка на „Чес.ком“, па добивав многу барања за играње – изјави брзиот качувач за ИОК по натпреварот во кој освои бронза со светски рекорд во неговиот специјализиран формат.
Вотсон е светски рекордер за најбрзо искачување на вертикален ѕид висок 15 метри, постигнато во малото финале во Париз, во кое се искачи на подиумот на своите дебитантски олимписки игри. Тинејџерот успеа да се искачи на стрмен ѕид еквивалентен на висината на стандардна трикатна зграда, за неверојатни 4,74 секунди.

Фото: ЕПА

Шахот му помогна во неговата спортска потрага со тоа што го ангажира неговиот ум подалеку од брзината на неговите физички напори. Барот „Блиц сосајети“, реномиран објект посветен на шахот во срцето на Париз, го покани Вотсон да дојде и да одигра неколку натпревари, нудејќи уште еден начин да се опушти подалеку од интензитетот на натпреварот во спортско качување.
– Беше толку забавно. Имав можност да запознаам многу навистина интересни луѓе, да играм шах со луѓе од целиот свет, како луѓе што патуваат за Олимписките игри и други – рече Вотсон за ИОК.
Но во Франција, на Светскиот ден на шахот, се одржа уште еден турнир, организиран од еден од најконкурентните спортисти. На 16 јули француската кошаркарска суперѕвезда Виктор Вембањама го најави инаугуративното издание на „Кошаркарски Гамбит“. На турнирот вчера во неговиот роден град Ле Шене, западно од Париз, се очекуваше да има до 150 учесници, „кој ќе се одржи во вежбалница веднаш до кошаркарските терени што претходно помогнал да се изградат за неговата локална заедница“, пишува „Чес.ком“, пренесе ИОК.
НБА-кошаркарот на Сан Антонио спарс претходно ја споделил својата страст, поканувајќи ги колегите „чесионадос“ да играат со него во Вашингтон Сквер Парк во Њујорк во декември. Откако ја играл друштвената игра повремено од 10-годишна возраст, тој сега е поангажиран и ја сака „затоа што многу го предизвикува мозокот“, му рече на популарниот шаховски јутјубер Жулиен Сонг.
– Веројатно е едно од најстресните интервјуа за кои морав да се подготвам. Но многу брзо, благодарение на неговата љубезност и скромност, се почувствував како да споделувам момент со друг шаховски ентузијаст – изјави Сонг за „Чес.ком“, пренесе ИОК. Н.М.