Андреевски во младите години со семејството живееше во Египет и таму почна да се занимава со бокс. Кога се врати дома, им ја пренесуваше „благородната вештина“ на скопските деца и ги создаваше првите боксери. Тој на Градскиот стадион во Скопје го донесе и првиот ринг
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (326)
Во светот на спортот има многу личности што оставиле силен печат во својата земја, а многумина од нив важат и за нeимари во некој од спортовите. Ако бараме таква личност кај нас, тоа секако би бил Страхил Андреевски. Помладите ќе се зачудат кога ќе го прочитаат неговото име и ќе се запрашаат кој бил тој Страхил. Но постарите генерации убаво знаат оти токму тој, Страхил, беше првиот боксерски тренер во Македонија, па ако се гледа генезата на боксот ќе се види оти токму овој спорт беше еден од најквалитетните и најафирмативни спортови на ова наше поднебје. Ова е вистина за која говорат не само победите на македонските боксери на меѓународните турнири туку и освоените медали на европските првенства, па дури и на Олимписките игри. Токму гледајќи од овој аспект ќе стане јасно какви се улогата и местото на Страхил во македонскиот боксерски спорт. Тој беше прв тренер на скопските боксери, а беше и човекот што го конструира и го изработи првиот ринг во Скопје и во Македонија. Токму од сите овие причини, Страхил има посебно место во македонскиот бокс и неговото дело треба да се почитува.
Способен за секаква работа
Амбициозниот Страхил, кого го бидуваше и за техниката, со еден збор беше способен, се разбира доколку има материјал за тоа, да конструира и некое ремек-дело. Добро е што беше вработен на Градскиот стадион и се грижеше, заедно со уште пет-шест вработени, за негово одржување. На чело на тој тим, како управник беше назначен еден стар скопјанец, Џинка Мојсовски, кој уживаше голем авторитет кај вработените. Тој беше човек што знаеше што сака и во дадената ситуација објективно беше подготвен да го направи тоа. Не се залетуваше многу, туку беше рационален и она со што располагаше знаеше максимално да го искористи. Можеби токму поради таквото домаќинско работење и без многу средства од државата Џинка успеваше да го одржува стадионот на едно високо ниво. Вработените го почитуваа и беа многу дисциплинирани.
На стадионот сѐ функционираше во најдобар ред и тој во секој момент беше подготвен да ја прими 20-илјадната публика. Фудбалерите, пак, имаа идеални услови за игра, зашто според нивните кажувања ова беше еден од најдобрите терени во поранешна Југославија. На него почна да се гради и вардаровата традиција, зашто популарниот клуб беше како одомаќен овде и се чувствуваше како само тој да е сопственик на стадионот и прекрасниот тревен терен. Оттогаш всушност Вардар стана македонскиот фудбалски симбол, кој се претвори во вистински бренд. Уште од тие времиња Вардар беше нешто свето. Во него беше вткаена сета спортска љубов, не само на скопјани туку на сите Македонци. За жал, денес тој Вардар е во многу побледо издание, па, сепак, и таков каков што, тој е фактор во македонскиот фудбал.
По оваа мала дигресија да се вратам на она што е тема во овој напис, а се однесува на новодојдениот спортски другар од Египет. Овде ќе се обидам да го претставам чичко Страхил, со сите свои особини и атрибути, поточно онаков каков што влезе во скопското спортско семејство.
Јас уште од дете одев на Градски за да ги гледам натпреварите, често и тренинзите на вардарците, кои тогаш беа предводени од незаборавниот Џина, а потоа и од другите тренери што во тој период работеа во Вардар. Би го споменал и Илеш Шпиц, кој и за време на Втората светска војна беше тренер во Скопје. Тој не го заборави моментот кога, поради своето еврејско потекло, скопјаните го спасија да не биде екстрадиран со илјадниците Евреи во злогласниот нацистички логор Треблинка, кога всушност почна да го живее својот втор живот. Тој беше добредојден во Скопје и на Градски, каде што, за жал, во 1961 година за време на еден натпревар на Вардар со ОФК Београд почина. Замислете каква судбина беше тоа. Потоа Градскиот стадион беше како дом и на другите тренери што подоцна доаѓаа, Александар Томашевиќ, Јане Јаневски, Хуго Рушевљанин (менаџер на клубот, во негово време Вардар по урнек на Милан стана „црвено-црн), Антал Лика, Фрањо Пазмањ, Душан Варагиќ, па кон крајот на 1960-тите години повторно Џина Симоновски, со кој Вардар по едногодишно играње во Втората лига, во 1971 година, се врати меѓу прволигашите. Потоа се редеа и други тренери, но поентата овде не ми е да ги набројувам сите што поминаа низ Вардар, туку меѓу оние што беа најприсутни на Градски, иако не припаѓаше на фудбалската тренерска фела, да го одделам вредниот Страхил, кој за разлика од погореспоменатите беше тренер, но припадник на боксерската фела.
Се појави чудо на Градски
Страхил, онака вреден и вооружен со техничко знаење и способен сѐ да изведе од занаетчиските работи за кои имаше посебно чувство и талент, еден ден се затвори во дел од ходникот кај соблекувалните и почна нешто да работи. Никому не му кажа што е работата, зашто можеше таа да не успее и фалењето да биде попусто. Откако се пресели под северната трибина, помисливме, штом му е потребен поголем простор, значи станува збор за некоја поголема работа. Набрзо потоа, кога се наѕираа контурите на дел од сработеното, почна да ни станува јасно за каков изум на Страхил се работи. По неколку дена, го видовме комплетното негово дело, откако на атлетската патека пред јужната трибина светна „чудото“ на Страхил. Верувале или не, тоа беше боксерски ринг, изработен по сите прописи, со потребните димензии и филц со потребната дебелина на подот. Не можевме да се изначудиме, без врева, без никакви фалби оти „ќе правам ова или она“, ете Страхил го направи првиот ринг, не само во Скопје туку прв и во Македонија и во блиската околина, зашто најблискиот ринг до Македонија дотогаш беше оној во Ниш, каде што веднаш по Втората светска војна нишките боксери, кои беа активни и пред да се слушнат рафалите од огненото оружје, веќе имаа тренинзи и беа упатени во боксерските вештини.
Рингот во Скопје беше иницијална капсла младите да почнат да се занимаваат со бокс. Нивниот број беше голем и тие редовно доаѓаа во една од просториите под јужната трибина, која им беше соблекувална. Рингот за да не „кисне“ и да не се оштетува надвор беше демонтиран и складиран, и се чекаше неговото „крштевање“, а дотогаш идните шампиони тренираа во салата во која имаше четири носечки столбови за кои беа закачени јажињата и тие, всушност, ја оградуваа зоната за борба. Со еден збор, Страхил измисли една варијанта што добро ќе им дојдеше на боксерите во моментите кога го немаа вистинскиот ринг. Е, од овие моменти на почетокот од 50-тите години на минатиот век почна боксот во Македонија, а прв тренер беше никој друг туку Страхил. Тој имаше искуство од Египет и сите свои знаења се трудеше да им ги пренесе на младите скопјанчиња. Сега е момент да споменам оти Страхил додека живееше во Египет активно се занимаваше со бокс, а откако беше аматерски првак на Египет, стана и професионален шампион, и тоа не само на територијата на Египет туку и на северниот дел од африканскиот континент.
Се родија шампионите
Сега, во овие години и од оваа временска дистанца, во која зад себе оставив многу години, сфаќам дека во тоа време, освен она што го гледав што се случува, повеќе не знаев ништо. Ќе запомнев некој лик, а за него повеќе ќе осознаев пет-шест години подоцна, кога веќе почнав да ги разбирам боксот и неговата суштина. Не беше тоа само обична тепачка, туку тука имаше многу финеси по кои се разликуваа боксерите. Затоа, за да не „залутам“ со некое име, ќе ја искористам книгата на поранешниот боксер, инаку новинар Георги Џоџа Ајановски, посветен на традиционалниот боксерски турнир „Златен гонг“. Во оваа книга, за да тргне со пишувањето и опишувањето за тоа што значи „Златниот гонг“ за македонското спортско живеење, тој почна со она што ѝ претходеше на приредбата. Па ќе пренесам некои извадоци од уводниот дел на книгата, во која се забележани и имињата на првите квалитетни боксери. Но прво неговиот впечаток за тоа каква личност беше Страхил Андреевски, следува првиот цитат:
„Сметам дека нема да погрешам ако кажам дека најголеми заслуги за појавата и за развојот на боксерскиот спорт во Македонија (непосредно по Втората светска војна) му припаѓаат на познатиот тренер Страхил Андреевски. Тој бил професионален боксер во Египет и освојувач на трофеи на турнири што се одржувале во Александрија. Бидејќи се дружев со неговите внуци (живееја на улицата „Орце Николов“ во Скопје), често во нивниот дом слушав за неговите спортски подвизи, илустрирани со стари пожолтени фотографии во зачуваните албуми“.
Тивок, скромен, со неверојатна љубов и енергија кон боксот, тој создаде плејада македонски боксерски асови, кои високо се искачија на скалилата на тогашниот југословенски бокс, постигнувајќи и вредни меѓународни резултати на разни турнири низ Европа. Имињата на Бранко Фијат, Панче Леов, Бато Ѓорѓевиќ, Миле Андреевски-Штука, Перо Трајковски, Живорад Шишковиќ, Живко Дуковски, Ајдар Демирев и многу други натпреварувачи од помладата генерација се само дел од низата македонски шампиони што вештините на рингот ги учеа од „мајстор Страхил“.