Дел од членовите на клубот Карпош џудо-мастерс

Очекуваме на првенството, кое е под мотото „Едно дете повеќе во сала е едно дете помалку пред компјутер“, да учествуваат од 12 до 14 клуба, со од 80 до 200 млади надежни натпреварувачи. Влезот е бесплатен, а очекуваме да дојдат 150-200 посетители, а ние како клуб да се претставиме во светло издание и дека инвестираме во џудото како олимписки спорт, што е мошне значајно, вели претседателот на клубот Миодраг Стојановиќ

В НЕДЕЛА ВО СКОПЈЕ ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ЗА ДЕЦА И ЗА КАДЕТИ

По план и програма на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), а во организација на скопскиот џудо-клуб Карпош џудо-мастерс, в недела во спортската сала „Архиепископ Доситеј“ во Скопје, во населбата Кисела Вода, ќе се одржи првенството на Македонија за деца и за кадети, со почеток во 10 часот.
– Очекуваме на првенството, кое е под мотото „Едно дете повеќе во сала е едно дете помалку пред компјутер“, да учествуваат од 12 до 14 клуба, со од 80 до 200 млади надежни натпреварувачи, кои со динамични и возбудливи борби на душекот ќе покажат што знаат во џудото. Масовноста е битен фактор во градењето добри спортисти, бидејќи секогаш со џудото покрај физичката кондиција се создаваат и психофизичка моторика, здрав организам, борбен дух… Влезот во салата е бесплатен, а очекуваме да дојдат 150-200 посетители, а ние како клуб да се претставиме во светло издание и дека инвестираме во џудото како олимписки спорт, што е мошне значајно – вели претседателот на клубот и потпретседател на ИО на ЏФМ, Миодраг Стојановиќ.
Џудо-клубот Карпош џудо-мастерс е млад клуб, но со амбиции брзо да напредува.
– Нашиот клуб е формиран во 2019 година со цел да имеме повеќе силни клубови во Македонија. Клубот има околу 20 постојани члена, со тенденција тој број да го зголемиме. Вторпат организираме вакво натпреварување, а првото беше минатата година, но во друга возрасна категорија – рече Стојановиќ.
За тоа дека џудото во Македонија има сѐ поголем развој покажува фактот дека годинава во Македонија ќе се одржат три мошне значајни натпреварувања. Па така, Скопје ќе биде домаќин на Европското првенство (ЕП) за кадети (26-29 јуни), на Европскиот куп (ЕК) за јуниори (2-3 август), а првпат ќе се одржи и ЕК за сениори (20-21 септември), што е само уште еден показател дека Џудо-федерацијата на Македонија оди во вистинскиот правец, со силна посветеност за унапредување на растот на џудото и воспоставување услови за постигнување врвни натпреварувачки резултати, кои, пак, Европската џудо-унија (ЕЏУ) и тоа како знае да ги цени, со давање на својата доверба кон ЏФМ. Г.И.