ВАТЕРПОЛО
- На Зимското првенство на Македонија, екипата на Вардар 8 победи во категориите до 12, 14 и до 16 години, а Локомотива славеше кај сениорите. „Вакви државни првенства се одржуваат двапати годишно, во лето и во зима. За разлика од лани, годинава видовме квалитетно ватерполо, подобро за две скалила, што особено ме радува. Видовме успешно и борбено првенство и натпревари и мотивирани играчи, кои се трудеа да покажат што подобра игра, што е добар показател дека македонското ватерполо полека, но сигурно чекори напред, вели тренерот и шеф на стручниот штаб на Локомотива, Боро Стефановски
Три државни титули за Вардар 8 (во категориите до 12, 14 и до 16 години) и една на Локомотива (сениори) го обележаа Зимското првенство на Македонија, кое се одржа во базенот „Борис Трајковски“ во Скопје, со учество на по пет екипи во четирите возрасни категории. На првенството настапија Посејдон, Вардар 8, Локомотива, Про Кидс и организаторот на првенството, Младост.
– Резултатите беа очекувани. Вардар 8 е прв, има и подобри услови за тренинг, Локомотива е втора, а изненадување е третото место на Посејдон, во најмладата генерација играчи. Како тренер на Локомотива задоволен сум од настапот на сениорите, оти имавме најмлада екипа од сите во оваа категорија. До пред неколку дена работев сам, а сега добив помошник, оти тешко се работи во еден термин во сите категории. А само со квалитетен стручен и судиски кадар, македонското ватерполо може да оди напред. Затоа е потребно во секоја категорија да се има и помошен тренер, оти имаме кадровски дефицит од стручен кадар и покрај тоа што двајца-тројца тренери работат во странство – вели тренерот и шеф на стручниот штаб на ВК Локомотива, Боро Стефановски.
За најдобар стрелец на првенството е прогласен Владимир Шутоски, најдобар играч е Гоце Китанов, а најдобар голман е Александар Симоновски, сите од ВК Локомотива.
– Вакви државни првенства се одржуваат двапати годишно, во лето и во зима. За разлика од лани, годинава видовме квалитетно ватерполо, подобро за две скалила, што особено ме радува. Гледаме дали од генерацијата 2009 ќе станат сениорски играчи, оти реално ако до 16 години не влезеш во првиот тим, потоа веќе е доцна. Ватерполото е специфичен спорт, можеш да играш ако си само физички и пливачки добро подготвен. Особено ме радува што во младите категории учествуваа пет екипи, а тука и публиката присутна на трибините беше и најмногубројна – вели Стефановски.
Според Стефановски, македонското ватерполо полека, но сигурно чекори напред.
– Видовме успешно и борбено првенство и натпревари и мотивирани играчи, кои се трудеа да покажат што подобра игра, што е добар показател дека македонското ватерполо полека, но сигурно чекори напред, а за понатаму ќе зависи и од поддршката што ќе ја добиваме. За трите првопласирани екипи во секоја категорија имаше пехар и медали за сите играчи. А сето ова тешко ќе го беше реализирано ако немавме поддршка од Министерството за спорт, кое ги покри сите трошоци околу организацијата и многу сме му благодарни. Следен настан е Првенството на Македонија во пливање, викендов во базенот „Борис Трајковски“. Од ВК Локомотива ќе настапат дваесетина деца, што ќе биде и едно идеално тестирање за нивните времиња, како податок во тренажниот процес, колку се подготвени, а ќе пливаат на 50 и на 100 метри градно и пеперутка, стилови што се битни во ватерполото – вели Стефановски. Г.И.
ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА, РЕЗУЛТАТИ
Сениори, финале: Локомотива – Младост 19-13. За трето место: Вардар 8 – Про Кидс 10-6. Табела: Локомотива, Младост, Вардар 8, Про Кидс.
До 16 години, финале: Вардар 8 – Локомотива 8-6. За трето место: Младост – Про Кидс 6-13. Табела: Вардар 8, Локомотива, Про Кидс, Младост.
До 14 години, финале: Вардар 8 – Локомотива 8-6. За трето место: Младост – Про Кидс 7-8. Табела: Вардар 8, Локомотива, Про Кидс, Младост.
До 12 години, табела: Вардар 8, Локомотива, Посејдон, Про Кидс, Младост (во оваа категорија тимовите играа само секој со секого).

































