Фото: СФМ

Јада не само што стекна уште едно непроценливо искуство на најголемата сцена во нордиското скијање туку и го постави темелот за македонскиот настап на ЗОИ 2026, објави СФМ

СКИЈАЊЕ – СП 2025 ВО ТРОНДХАЈМ

Македонскиот натпреварувач во нордиско скијање Ставре Јада, кој учествува на Светското првенство (СП) во Трондхајм (Норвешка), обезбеди квота за Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д’Ампецо в година. На квалификациската трка го освои 126-то место од 182 натпреварувачи, а во трката на 10 км класичен стил се пласира на 107-то место. Во тимскиот спринт на 1,3 км забележа одличен настап и се најде на 41-то место.
– По квалификациската трка на 1,3 км слободен стил и 285 ФИС-поени, што е остварување на квота за ЗОИ во Милано во 2026 година, на 10 км класичен стил е освоено е 107-место, но, сепак, задоволен сум со 231 ФИС-поен и уште едно потврдување на квотата за Милано и за Кортина д’Ампецо во 2026. Во моментот сум единствен македонски спортист од зимските спортови што веќе обезбедил квота за третата по ред зимска олимпијада за мене – напиша Јада на социјалните мрежи.
Во исклучително силна конкуренција на светската елита, Јада ги извозе квалификациските трки со голема борбеност и желба за успех.
– Овој резултат е доказ за упорноста, трудот и за посветеноста на македонските скијачи, кои и покрај сите предизвици, чекорат храбро напред кон светската сцена. Јада не само што стекна уште едно непроценливо искуство на најголемата сцена во нордиското скијање туку и го постави темелот за македонскиот настап на ЗОИ 2026 во Милано и Кортина д’Ампецо. Со македонскиот борбен дух и несебична посветеност продолжуваме да ја пишуваме историјата на нашето скијање – објави Скијачката федерација на Македонија (СФМ). Г.И.