Фото: ШСГС

Со партиите од првото коло, попладнево започна отвореното Првенство на Скопје во шах за деца (до осум, 10, 12 и 14 години), кое се игра во шест кола во просториите на колеџот „Јахја Кемал“. Денеска стартуваат категориите до 12 и 14 години, а утре категориите до осум и 10 години со почеток во 10 часот. Победниците ќе бидат познати по одиграните шест кола. Категориите до осум и 10 години ќе играат со временско темпо на игра од 30 минути, плус 30 секунди за секој потег по играч, а до 12 и 14 години со темпо од 60 минути, плус 30 секунди за секој потег по играч.

– Пријатно изненадување година е категоријата до 10 години каде што од 45 пријавени учесници, дури 15 се девојчиња. Имајќи го во предвид податокот дека и на светско ниво бројот на шахистки е значително помал од бројот на шахисти, ова е навистина одличен податок – вели директорот на првенството, Ѓорѓи Миновски.

Во категоријата до осум години има вкупно 44 учесници, од кои седум се девојчиња, до 10 години има 45 од кои 15 се шахистки, до 12 години 30 од кои пет се девојчиња и во категоријата до 14 години играат 26 момчиња и три девојчиња.

Г.И.