ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2026
- Од другите македонски учесници на ЕП 2026, Ристески ремизира, а Златков загуби. На континенталното првенство учествуваат рекордни 501 шахист од 43 држави
Две победи и по едно реми и пораз е епилогот на четворицата македонски шахисти во првото коло на 26. поединечно Европско првенство (ЕП), во Катовице (Полска). Предвидени се вкупно 11 кола. Голема победа оствари ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Андреј Велјаноски (рејтинг 2.255, 287.пред турнирот), кој со црни фигури го победи велемајсторот (ВМ) од Унгарија, Петер Акс (2.573, рангиран 37.). Цел поен со бели фигури освои и интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов (2.389, 183.) против Полјакот Павел Чмиел (1.949, 434-ти). Половина поен впиша со црни фигури ИМ Емил Ристески (2.416, 152.) против Хои Нигуен (2.037, 402.) од Белгија, а единствено загуби со црни фигури ФМ Антон Златков (2.299, 254-ти) од високорангирниот ерменски ВМ, Шант Саргсјан (2.647, петти).
На ЕП 2026 учествуваат рекордни 501 шахист од 43 држави (94 ВМ, шест ЖВМ, 97 ИМ, осум ЖИМ, 94 ФМ, 14 ЖФМ), а прворангиран е ВМ од Украина Игор Коваленко (рејтинг 2.685). Претходниот рекорд беше виден на ЕП во Врњачка Бања (Србија) во 2023 година, кога настапија 484 шахисти од 40 држави. На минатото ЕП, во 2025 година, пак, играа 375 шахисти, меѓу кои и ИМ Филип Панчевски (187. со 5,5 поени), Лазов (129., шест), Ристески (168., шест) и ФМ Роберт Велески (215., четири поени).
Досега 18 држави биле домаќини на поединечно ЕП, од кои по трипати Турција и Полска. Меѓу 18 држави домаќини на европските првенства, Македонија двапати беше домаќин, и тоа на второто по ред ЕП, во Охрид, во 2001 година (13 кола, 204 шахисти од 39 земји, 143 ВМ и 38 ИМ), а потоа и на 20. ЕП, во Скопје, во 2019 година (11 кола, 361 шахист, 143 ВМ). Досега 12 европски шампиони биле од Русија, по двајца од Украина, Хрватска, Германија и од Србија, а по еден од Израел, Полска, Грузија, Романија, Франција и од Холандија, или вкупно од 11 земји. Г.И.
































