ШАХ – ТУРНИР „ТРОФЕЈ НА БЕЛГРАД 2025“

Македонскиот велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски (2,345 рејтинг-поени, рангиран седми пред почетокот на турнирот) е на чекор да го освои првото место на 38-от меѓународен турнир во Србија, „Трофеј на Белград 2025“. Поранешниот македонски репрезентативец, член на ШК Алкалоид, во осмото, претпоследно коло, го победи со црни фигури ВМ од Србија Данило Милановиќ (2.396, рангиран трет) во 42. потег, откако во остра средишница освои квалитет, кој се покажа доволен за победа. На едно коло до крајот на турнирот, Станојоски е прв на табелата со седум поени, а со бели фигури за противник во последната партија го има српскиот интернационален мајстор (ИМ) Стефан Тадиќ (2.421, рангиран втор), кој има 6,5 поени, колку што имаат и ВМ од Србија Михаил Брјаклин (2.476, рангиран прв) и рускиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Максим Тимошин (2.380, рангиран четврти).
На турнирот учествуваат 146 шахисти од 13 држави (шест ВМ, еден ЖВМ, пет ИМ, еден ЖИМ, 15 ФМ, два ЖФМ). Станојоски во 2006 и во 2007 година го освои првото место, а лани со 7,5 поени го подели врвот со Кинезот Бо Ли, но поради послаб дополнителен критериум беше втор. Г.И.