Стојановски на победничкиот пиедестал

Тој во категоријата до 49 килограми оствари три победи и еден пораз. „Овој релевантен историски младински успех за македонскиот спорт е вистинска реткост за домашниот спорт“, велат од Македонската таеквондо-федерација

ТАЕКВОНДО

Младиот и надежен македонски таеквондист Теодор Стојановски, член на ТК Бутел од Скопје, оствари голем успех со освојувањето сребрен медал на Европското првенство (ЕП) за кадети, кое се одржа во Тирана (Албанија) викендов.
Стојановски во тежинската категорија до 49 килограми оствари три доминантни победи, совладувајќи ги Кипранецот Хараламбос Хаџимаврос, Украинецот Јарослав Вечирко и Британецот Шон Џита, победувајќи ги сите со по 2-0 во рунди. Во борбата за златниот медал тој загуби од Французинот Нора Бранж, со 0-2.
– Овој релевантен историски младински успех за македонскиот спорт е вистинска реткост за домашниот спорт. Сребро на официјално европско првенство во олимписки спорт е вистинска насока дека македонското таеквондо го задржува приматот на водечки и најтрофеен домашен поединечен спорт. Нѐ чека многу работа кога станува збор за врвните олимписки спортски резултати, патот е пеколен, конкуренцијата е исклучително голема, па затоа само тие успеси остануваат вечно во историјата. Еднаш ја кренавме нацијата на нозе, живееме за мигот повторно да се случи тоа – велат од Македонската таеквондо-федерација (МТФ).
Под водство на претседателот на Македонската таеквондо-федерација и селектор, д-р Борче Костовски, кадетската репрезентација на Македонија во Тирана настапи со вкупно 13 натпреварувачи. Г.И.