ЏУДО
- Секако дека сум задоволен од настапот на македонските млади претставници на оваа Балканијада, на која требаше да учествуваат седуммина, но поради повреди, тројца мораа да го откажат своето учество. Овој успех претставува и продолжување на континуитетот во освојување медали на македонските џудисти во оваа 2025 година, ни изјави селекторот Мицкоски
Македонските џудисти постигнаа огромен успех на Балканското првенство за јуниори (до 23 години), кое изминатиот викенд се одржа во Тирана (Албанија). Освоени се два медала и со тоа уште еднаш успешно беше претставено македонското репрезентативно џудо, кое сѐ повеќе се движи во нагорна линија.
Предводени од искусниот селектор Горан Мицкоски, со сребро се закити Ива Богдановска (во тежинската категорија до 63 кг), а Анамарија Стојмиловска (до 48 кг) освои бронзен медал. Македонија настапи со четворица претставници, солиден пласман, односно петто место оствари Михаил Стојановски (до 66 кг), а Владимир Милчиноски (до 90 кг), иако храбро се бореше на татамите, остана без пласман.
– Секако дека сум задоволен од настапот на македонските млади претставници на оваа Балканијада, на која требаше да учествуваат седуммина, но поради повреди, тројца мораа да го откажат своето учество. Освоени се два медала, а бевме многу блиску и до третиот. За нив како јуниори до 23 години, ова секако претставува еден голем успех, но и искуство повеќе, оти во наредните години ќе се натпреваруваат и на сениорски европски првенства и на сениорски европски купови, а нивната форма покажува дека оди во нагорна линија. Истовремено овој успех претставува и продолжување на континуитетот во освојување медали на македонските џудисти во оваа 2025 година – ни изјави селекторот Мицкоски.
На Балканијадата во Тирана, како член на македонската делегација присуствуваше и борбите на македонските репрезентативци ги следеше претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, кој е и потпретседател на Балканската федерација, Владимир Трпаноски, кој им даде голема поддршка во нивните настапи. Г.И.