ТАЕКВОНДО – ТУРНИР ОПЕН Г1 ВО ТИРАНА

  • Овој настап покажа дека Милијана е во извонредна форма пред почетокот на СП, кое кон крајот на месецов ќе се одржи во Кина и каде што ќе атакуваме на медал, вели нејзиниот тренер Ефтимов

Изминатиот викенд во Тирана (Албанија) се одржа престижниот турнир Опен Г1, на кој најдобрата македонска таеквондистка, репрезентативка и членка на кубот Тигри од Скопје, Милијана Рељиќ ги освои второто место и сребрениот медал, што е нов голем успех.
– Во првото коло Рељиќ беше слободна поради добриот ранг, во второто коло ја совлада претставничката на Грција, Теопула Сарванаки, која е светска вицешампионка од Светското првенство 2022 во Мексико, по голема борба со 2-1 во рунди. Во полуфиналето македонската олимпијка, која настапи на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, се бореше со таеквондистката од Шпанија, Елза Чарлс Секанел, која Рељиќ ја победи со 2-0 во рунди, иако Шпанката ни зеде многу поени и беше во водство во двете рунди. Сепак, поради извонредната кондициска форма на македонската претставничка, ја напаѓаше ривалката сето време и ја тераше или да паѓа на татамите или ја истеруваше од рингот, што придонесе со по пет казнени поени, Шпанката да ги загуби и двете рунди, а со тоа и борбата. Во финалната борба Милијана беше поразена од хрватската претставничка Дора Мештровиќ со 0-2 во рунди. Овој настап покажа дека Милијана е во извонредна форма пред почетокот на Светското првенство, кое кон крајот на месецов (24-30 октомври) ќе се одржи во Кина и каде што ќе атакуваме на медал – ни изјави нејзиниот тренер Александар Ефтимов.
Овој нов голем успех на Рељиќ ѝ донесе нови шест поени на олимписката ранг-листа за настап на Летните олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година.
– На светската ранг-листа (категорија до 62 кг) за октомври, Рељиќ е 15-та, но со овие шест поени ќе биде 13-та, а на олимписката ранг-листа, доколку ѝ бидат поените префрлени во категоријата до 57 кг, во која настапи на ЛОИ во Париз, ќе биде на 25-та позиција – вели Ефтимов. Г.И.