ЏУДО
- Ова е голем резултат, оти оствари одлични победи, особено во полуфиналето против Хрватката Ника Маркулин, која има освоено злато и сребро на куповите во минатата година, вели Игор Паскоски, тренерот на Ива Богдановскаa
Џудистката Ива Богдановска (категорија до 63 кг), членка на клубот Миоки од Скопје, предводена од селекторот Александар Фузевски, постигна голем успех на Европскиот куп (ЕК) за јуниори, кој се одржа во Подгорица (Црна Гора), освојувајќи ги второто место и сребрениот медал, по првиот од предвидените два натпреварувачки дена. Покрај неа, на овој јуниорски куп учествуваа и Сергеј Димитриоски (до 60 кг), кој загуби во првата и во репасажната борба, и Лилјана Недановска (до 57 кг), која се бореше вчера.
– Јуниорката Ива Богдановска беше брилијантна. Таа е членка на клубот Миоки, каде што јас сум тренер и бевме на линија за сето време, притоа таа добиваше инструкции од мене за секоја борба и за секоја противничка. Ова е голем резултат, оти оствари одлични победи, особено во полуфиналето против Хрватката Ника Маркулин, која има освоено злато и сребро на куповите во минатата година. Сергеј Димитриоски загуби во првата и во репасажната борба – ни изјави тренерот на Богдановска и селектор на кадетската репрезентација на Македонија, Игор Паскоски.
Кај кадетите, кои викендов настапија во Солун (Грција), блиску до медал беше Хамида Друштинац (до 44 кг).
– Во кадетска конкуренција, каде што јас сум селектор, а со мене беше присутен и спортскиот директорот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) Дејан Мицкоски, од репрезентативците, Друштинац беше одлична и малку недостигаше да освои бронзен медал. Таа оствари пораз и две победи, со кои се пласира во борба за бронзата, каде што загуби на казнени поени. Сепак, ова е голем успех за неа, ако се знае дека таа е најмлада меѓу најмладите кадетки на овој куп, родена во декември 2010 година, а учествуваа џудистки родени во 2008, 2009 и 2010 година. Настапија вкупно девет џудистки, по две Романки и Италијанки во нејзината група. Во првиот круг Друштинац загуби од претставничка на Романија, а оствари победи против Италијанка и против втората претставничка од Романија. Во борбата за бронзата загуби од втората Италијанка, Џулија Писатуро, која се пласира во полуфиналето – ни изјави Паскоски.
Вчера на Купот за кадетки се бореа Теодора и Тамара Илиоски (до 57 кг) и Никола Петров (до 90 кг). Г.И.

































