Шерифовски (лево) на победничкиот подиум, со претседателот Трпаноски

Во Истанбул присуствуваше и претседателот на ЏФМ и потпретседател на Балканската џудо-асоцијација, Владимир Трпаноски, кој покрај тоа што ги бодреше македонските џудисти, учествуваше и на редовниот состанок на ИО на Балканската џудо-асоцијација

ЏУДО – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО ДО 23 ГОДИНИ ВО ИСТАНБУЛ

Македонскиот џудист Еди Шерифовски (категорија до 81 кг), член н ЏК Ипон од Скопје, се закити со сребрен медал на Балканското првенство (БП) до 23 години, викендов во Истанбул (Турција), во конкуренција на 90 натпреварувачи од девет земји: Турција (40), БиХ (19), Македонија (осум), Црна Гора, Романија (по седум), Косово (шест), Молдавија, Грција и Бугарија (по еден). Шерифовски стигна до среброто по победите над Елбан Селатин и Ерен Кочак, а во финалето загуби од Нијази Гокчен, сите од Турција.
– Шерифовски имаше одлични борби и, според мене, а и според прикажаното, требаше да биде балкански шампион, но во финалето неговата огромна желбата да се стигне до златото доведе брзоплето да ја води борбата и на крајот да загуби. Сепак, оваа е подмладена репрезентација, која реално своите резултати треба да ги покаже во годините што следуваат. Во екипна микс-тим конкуренција нашиот тим беше петти, но со оглед на тоа дека во составот недостигаа неколку џудисти што настапија во поединечна конкуренција, а поради мали ситни повреди беа спречени да учествуваат, немавме можност да оствариме повисок пласман – вели селекторот на македонската репрезентација, Горан Мицкоски.
Другите репрезентативци ги постигнаа следниве резултати: Катерина Ацевска (над 78 кг) и Андреј Чакаровски (до 90 кг) беа петти, а Резарт Хусени (до 66 кг), Андреј Симоноски (до 73 кг), Георгиј Магдески (до 73 кг), Лилјана Недановска (до 63 кг) и Кристина Мантароска (до 63 кг) беа на седмата позиција.

– На БП генерално покажаа одлично џудо, секој од репрезентативци го даде максимумот и достојно ја претставија Македонија, а и атмосферата во нашиот табор беше одлична. Можевме да се закитиме со уште три-четири медали, кои беа реално остварливи, но неискуството си го стори своето. Сепак, ова беше одлична можност за помладите репрезентативци одблизу да се запознаат со балканските противници, како и за собирање ново искуство. Сите репрезентативци што настапија беа на високо ниво, ги исполнија своите обврски, за што им се заблагодарувам и верувам дека во иднина секој од нив ќе се закити со медал – вели Мицкоски.
Во Истанбул со репрезентацијата на Македонија присуствуваше и претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) и потпретседател на Балканската џудо-Асоцијација (БЈА), Владимир Трпаноски, кој покрај тоа што ги бодреше македонските џудисти, учествуваше и на редовниот состанок на Извршниот одбор (ИО) на БЈА, кој се одржа во рамките на ова Балканското првенство. Г.И.