ШАХ
Илија Тодоровски победи на традиционалниот Велигденски турнир
Илија Тодоровски (1.947 рејтинг-поени, рангиран шести пред почетокот на турнирот) победи на традиционалниот Велигденски турнир во забрзан шах за ветерани (над 60 години), во Скопје, во организација на шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72. Во конкуренција на 21 учесник, Тодоровски освои 7,5 поени, а второто и третото место ги поделија Миле Трајковски (1.989, рангиран четврти) и Илија Стошевски (рангиран трет), со по еден поен помалку.
– Мошне квалитетен турнир, со просечен рејтинг на учесниците од 1.864 поени, на кој беа видени многу борбени партии, така што до последниот миг не се знаеше кој ќе биде славеникот. За тоа говори и фактот што од 88 партии, само 11 завршија без победник. Радува податокот што имавме и тројца шахисти што не се од Скопје, Борис Јованџиков и Тодор Андонов од Гевгелија и Никола Топалов од Богданци. Турнирот го посети и поранешниот првак на Македонија, Благоја Сотировски-Џагуре, кому му подаривме специјално изработено велигденско јајце, како и претставникот на ШК Алкалоид, ИМ Илија Димовски. Отсутен беше директорот на турнирот Александар Сидоровски, па сите шахисти му посакаа брзо закрепнување – ни рече Стошевски, претседател на Скопје 72.
Табела: Илија Тодоровски 7,5, Миле Трајковски и Илија Стошевски по 6,5, Љупчо Ѓоршев и ФМ Александар Кралевски по шест, ФМ Илиќ Љубомир и ФМ Љубомир Хаџи-Манев по 5,5 итн. Г.И.
КОШАРКА
Марк Дејно е тренер на сезоната во НБА
Тренерот на кошаркарите на Оклахома, Марк Дејно, ја доби наградата за најдобар тренер во НБА-лигата, објави НБА. Дејно во својата четврта сезона на клупата на Оклахома го предводеше тимот до првото место во лигата сезонава во Западната конференција, со 57 победи и 25 порази. Притоа тој доби 89 од можни 100 гласа и со вкупно 473 поени стана вториот тренер на Оклахома, по Скот Брукс, кој може да се пофали со ова значајно признание.
Дејно славеше пред тренерот на Минесота, Крис Финч, и тренерот на Орландо, Џамал Мозли. Финч го зазеде третото место со Минесота со резултат од 56 победи и 26 порази. Мозли, пак, го предводеше Орландо до петтото место во Западната конференција, со 47 победи и 35 порази.
Во првото коло од плејофот, Минесота го елиминира Феникс со 4-0 во победи и се пласира во полуфиналето на Западната конференција, во која другите моментни резултати, по средбите во неделата, се Оклахома – Њу Ореланс 3-0, Далас – Лос Анџелес клиперс 2-2 и Денвер – Лос Анџелес лејкерс 3-1, а во Источната конференција Њујорк – Филаделфија 3-1, Индијана – Милвоки 3-1, Бостон – Мајами 2-1 и Кливленд – Орландо 2-2. Г.И.
КУГЛАЊЕ
Макпетрол го освои трофејот и во Купот на Македонија
Кугларите на скопски Макпетрол А се освојувачи на Купот на Македонија за 2024 година, кој викендов се одржа во кугларницата во Битола, со што ја освоија двојната круна, откако претходно славеа и во првенството на Македонија. Во конкуренција на пет екипи, Макпетрол до трофејот стигна со соборени 3.362 кегли, втор е Вардар 2014 (3.288), трет со само 26 кегли помалку е битолски Пелистер 1982 А (3.262), четврти е ГТЦ Мусандра (2.182) и петти Пелистер 1982 Б (3.114).
Макпетрол настапи во состав: Ибрахим Мемеди (571 соборени кегли), Младен Донковски (524), Милош Радојчиќ (559), Душко Ајдин (528), Сашо Трпковски (587), Дарко Марковиќ (593), кој наедно имаше и најдобар поединечен резултат на Купот. Боите на Вардар 2014 ги бранеа: Пецо Димовски (556), Тони Тодоровски (518), Коста Ристевски (560), Љупчо Митиќ (558), Дарко Димитровски (523) и Коста Манев (573). Пелистер 1982 А ги постигна следните поединечни резултати: Никола Андоновски (544), Цане Колев (553), Менде Андоновски (524), Цане Поповски (565), Тоде Ристевски (540) и Влатко Трајчевски (536). Г.И.