ШАХ – ВИКЕНДОВ ВО СКОПЈЕ

Велигденски шаховски турнир за ветерани

Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72, викендов ќе го одржи традиционалниот Велигденски турнир во забрзан шах за ветерани во девет кола (швајцарски систем). Право на учество имаат ветерани од 60 години и постари. Поради ограничените просторни можности, бројот на учесници се лимитира на 24 шахисти. Судија на турнирот е ФМ Љубомир Хаџи-Манев. Првото коло ќе почне веднаш по свеченото отворање од 10.30 часот, а првиот ден ќе се играат пет кола. Наградниот фонд изнесува 10.500 денари, од кои победникот ќе добие 4.000, вториот 3.000, третиот 2.000, четвртиот 1.000 и петтиот 500 денари. Според досега пријавените шахисти (22), турнирот е мошне квалитетен (просечен рејтинг од 1.862 поени), а прворангирани тројца играчи се ФМ Александар Кралевски (2.094 рејтинг-поени), Илија Стошевски (2.004) и Миле Трајковски (1.989). Г.И.


РАКОМЕТ

Годинашното ЕП постави рекорди на гледаност

Годинашното Европско првенство за ракометари го имаше најголемиот досег на преноси во историјата на настанот, зголемувајќи ја публиката за над една третина од претходното издание, а истовремено го подобри и целокупното време на емитување, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Речиси 40 милиони импресии од настани беа забележани во речиси 6.000 часа покриеност, според анализата од „Нилсен“. Ова беше подобрување од 12 отсто од ЕП 2022, порасна и кумулативната публика за 18 проценти, на 1,2 милијарда, се зголемија и импресиите од спонзорството и медиумската вредност, достигнувајќи 190 милиони (до 38 отсто), односно 538 милиони (до 32 проценти), пишува ЕХФ. Главната фаза на ЕП стигна до публика во живо од над 45 милиони на клучните пазари пред последниот викенд во Германија, досегот на сите дигитални платформи, исто така, се искачи на 764 милиони, зголемување од 114 отсто во однос на претходниот турнир, ангажманот на каналите на ЕХФ се зголеми на 14 милиони, што е подобрување од 247 проценти, прегледите на видеата достигнаа 210 милиони (65 отсто повеќе), гласањето за олстар-тимот се зголеми за 113 отсто…, пишува ЕХФ.
– ТВ и дигиталните броеви постигнати во Германија нагласуваат што е ЕП, меѓународен спортски производ од врвна класа. Во својот вкупен развој ЕП 2024 за мажи означи нова пресвртница. Никогаш не сме биле сведоци на повеќе часови пренос на европски ракомет, никогаш не сме ангажирале повеќе публика со произведената дигитална содржина. Заедно со нашиот долгогодишен партнер Инфронт можеме да бидеме горди на нашите напори и да веруваме дека пристапот што го презедовме може да биде образец за нашата работа на идни настани на ЕП – рече Михаел Видерер, претседател на ЕХФ. Н.М.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Хиршер се враќа од пензија како репрезентативец на Холандија

Марсел Хиршер има цел да се врати на алпското скијање во следната сезона, настапувајќи за Холандија, од каде што потекнува неговата мајка, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Рекордерот според бројот на титули во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, кој ја заврши кариерата пред пет години тркајќи се за Австрија, го најави своето сензационално враќање на патеките на 35-годишна возраст.
Во текот на претходните неколку години тој продолжи да тренира на скии. Хиршер има постојана амбиција уште еднаш да се искачи на врвот на својот спорт. Тој вредно се подготвува за големата сцена, Светското првенство во Залбах-Хинтерглем в година. Поттикнат од страст и одлучност, Хиршер се стреми да го врати своето место во елитата. Во согласност со правилото на ФИС, апликацијата на Хиршер за промена на регистрацијата на лиценцата ќе биде разгледана од Советот на ФИС, а Хиршер мора да ги исполни сите критериуми за да ја смени својата лиценца во друга земја. Хиршер освои сѐ што може да се освои во скијањето и постави серија рекорди, осум пати по ред ја освои титулата во СК, по шест пати малиот кристален глобус во слалом и во велеслалом, оствари 67 победи, 138 пати беше на подиумот, има два олимписки златни медали и еден сребрен… Н.М.


ПОЧНА ПРИЈАВУВАЊЕТО ЗА ШАХОВСКАТА ОЛИМПИЈАДА

На ШО 2024 се очекува да настапат 2.000 играчи од 190 земји

Почна пријавувањето за 45. Шаховска олимпијада (ШО), која од 10 до 23 септември годинава треба да се одржи во Будимпешта (Унгарија). Се очекува да настапат приближно 190 земји. Пријавувањето е отворено до 10 јули. Вкупно 937 мажи и 800 жени, во 188, односно 162 селекции, учествуваа на претходната, 44-та Шаховска олимпијада во Ченаи (Индија). За промовирање родова еднаквост Унгарската шаховска федерација, националните федерации и Светската шаховска федерација (ФИДЕ) се трудат да го зголемат учеството на женските селекции, пишува ФИДЕ. На ШО 2024 се очекува да настапат 2.000 играчи од 190 земји, меѓу кои и машката и женската репрезентација на Македонија. Г.И.