ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Првпат од 1989 година Тур де Франс ќе заврши со хронометар

За да се приспособат на подготовките за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, кои треба да почнат на 26 јули, направени се неколку приспособувања на годинашната престижна велосипедска трка Тур де Франс. Во своето 111-то издание, Тур де Франс првпат ќе тргне од Италија, од Фиренца, и ќе помине вкупно растојание од 3.492 км, од кои 52 км ќе бидат искачувања. Турнејата ќе заврши во Ница по 21 етапа со два дена одмор, првпат ќе ја заобиколи француската престолнина и ќе има различен временски термин (29 јуни – 21 јули). На годинашниот Тур ќе има два индивидуални хронометра, четири завршетоци се на планински врвови, серија делови по патеки со чакал и првпат ридски хронометар до Ница. Ова ќе биде првпат од 1989 година трката да заврши со хронометар. Данецот Јонас Вингегорд, кој лани ја освои својата втора титула во низа, ќе се обиде вторпат да ја одбрани. Г.И.


ФУДБАЛ
Челси остана во игра за четири трофеи сезонава

Челси и Лион се првите полуфиналисти на Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалерки. Англискиот првак Челси во реваншот дома ремизира со Ајакс (Холандија), 1-1, но победи со вкупен резултат 4-1, а францускиот шампион Лион на свој терен ја победи португалска Бенфика со 4-1, вкупно со 6-2.
Со пласманот меѓу четирите најдобри во ЛШ, Челси остана во игра за редок успех, четири трофеи сезонава. Челси е и во финалето на Лига-купот на Англија (в недела игра со Арсенал), во полуфиналето на ФА-купот (во полуфиналето во април ќе игра со Манчестер јунајтед) и води во Премиер-лигата со 37 бода, колку што има и Манчестер сити.
Челси во полуфиналето на Лигата на шампионите во април ќе игра со Бран (Норвешка) или со Барселона (Шпанија). Лион, пак, ќе се сретне со Хакен (Шведска) или со Пари сен Жермен (Франција). Синоќа во реваншите од четврт-финалето играа Барселона – Бран (прв натпревар 2-1) и Пари сен Жермен – Хакен (2-1). Н.М.