АТЛЕТИКА
Загина светскиот рекордер во маратон Келвин Киптум
Кенискиот атлетичар Келвин Киптум (24), актуелен светски рекордер во маратон, загина во сообраќајна несреќа, јавија светските медиуми, а веста ја потврди локалната полиција во Кенија. Киптум беше суперѕвезда на светската атлетика, единствениот човек што истрча маратон за помалку од два часа и една минута под услови признаени од Светската атлетика (СА). Претходната недела, неговиот рекорд беше официјално признаен, а Киптум се подготвуваше да стане првиот човек што ќе ја заврши оваа трка за помалку од два часа на маратонот предвиден во Ротердам на 14 февруари. На маратонот во Чикаго (САД), Киптум го собори светскиот рекорд, завршувајќи ја трката за 2:00,35 часа. Г.И.
АТЛЕТИКА – МИТИНГ ВО ЊУЈОРК
Нов светски рекорд на 60 м со пречки
Атлетичарката од Бахамите, Девин Чарлтон, постави нов светски рекорд во дисциплината 60 метри со пречки, на атлетскиот митинг во Њујорк (САД). Чарлтон ја истрча патеката за 7,67 секунди. Тој резултат е за една стотинка побрз од претходниот светски рекорд, кој беше во сопственост од Швеѓанката Сузана Купер, од 2008 година. Г.И.
АМЕРИКАНСКИ ФУДБАЛ
Канзас сити е првиот по 19 години што ја одбрани титулата
Канзас сити ја одбрани титулата во НФЛ-лигата откако во финалето на плејофот на професионалната лига во американски фудбал, Супербоул, 85-ти по ред, одигран во Лас Вегас, го победи Сан Франциско со 25-22, но дури по продолжението. Со тоа Канзас сити стана првиот тим што по 19 години ја одбранил титулата (претходно тоа го направи Њу Ингланд).
До овој успех тимот го предводеше Патрик Махомес, кој ја освои својата трета титула, а трипати беше и најкорисен играч (МВП) на ова натпреварување. Махомес, кој е еден од најдобрите бекови во историјата на НФЛ-лигата, импресионира во годинашниот Супербоул, водејќи ги своите соиграчи до уште една титула, четврта во историјата, трета во претходните пет години, а беше и МВП на финалето во секоја од тие титули. Финалниот меч по 60-те минути беше нерешен, 19-19. Сан Франциско дојде прв до нови поени уште во првиот напад на продолжението, но Махомес додаде до Хардман, кој на три секунди до крајот ги постави конечните 25-22 за Канзас сити.
Сан Франциско остана на пет титули, освоени во своите први пет настапи во финале одиграни помеѓу 1982 и 1995 година. Ова финале беше само второ што го одлучија продолженија. Првото беше пред седум години, кога Њу Ингланд славеше на дуелот со Атланта со 34-28. Г.И.