Спортски вести

ВЕСЛАЊЕ
„Оксфорд“ побрз на машката, а „Кембриџ“ на женската трка

Во традиционалната 167. (првпат во 1829 година) веслачка трка во Англија, екипата на универзитетот „Оксфорд“ победи на машката трка првпат од 2017 година, а тимот на универзитетот „Кембриџ“ беше побрз во женската трка, со рекордно време. Темносините во трката за мажи ја освоија круната со време од 16 минути и 47 секунди. Во женската трка, „Кембриџ“ го победи „Оксфорд“ за повеќе од две должини на чамецот, со време од 18 минути и 22 секунди, со што ја продолжи победничка серија од пет години. Трката со осумчлени тимови на реката Темза (патеката е долга 6,8 км) во Лондон во 2020 година беше откажана, а во 2021 година се одржа без гледачи, поради ограничувањата поради пандемијата на ковид-19. Кај мажите, „Оксфорд“ досега победи на 81 трка, намалувајќи ја разликата до 85-те победи на „Кембриџ“ (еден нерешен резултат), а кај жените „Кембриџ“ победи 46 пати, наспроти 30-те триумфи на „Оксфорд“. Г.И.


ФУДБАЛ – ШКОТСКА

Селтик го доби и второто градско дерби сезонава

Селтик направи голем чекор кон враќањето на титулата во фудбалскиот шампионат на Шкотска, откако го победи големиот ривал од Глазгов, Ренџерс, на гости, на стадионот „Ајброкс“, со 2-1. Селтик има шест бода предност (79-73) и многу подобра гол-разлика (плус 16 гола), на шест натпревари до крајот на сезоната. За Ренџерс тоа беше прв пораз на домашен терен по повеќе од две години, од март 2020-та и по 35 меча, а Селтик е во серија од 26 првенствени меча без пораз (22 победи и четири ремија). Л.Д.


ТЕНИС – МАСТЕРС ВО МАЈАМИ

Алкарас стана најмлад победник

Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас победи на 37-то издание на мастерс-турнирот од серијата 1.000, во Мајами, откако во финалето го совлада осмиот тенисер во светот, Норвежанецот Каспер Руд, со 7-5, 6-4.
Алкарас, моментно 16-ти тенисер во светот, дојде до победата по 112 минути игра и првпат во кариерата ја освои титулата на турнир од мастерс-серијата, но стана и најмладиот шампион во историјата на овој турнир со само 18 години и 33 дена. Претходниот рекорд на овој турнир го држеше Србинот Новак Ѓоковиќ, кој кога победи во 2007 година имаше 19 години.
Ѓоковиќ, кој триумфира вкупно шест пати на овој турнир, од вчера ја почна 364-та недела на првото место на АТП-листата и моментно има 8.420 бода, 10 повеќе од второпласираниот, Русинот Данил Медведев, а трет е Германецот Александер Зверев (7.195). Г.И.