ОДБОЈКА – ПРВА ЛИГА, ЖЕНИ, ПЛЕЈОФ

Наковски волеј и Младост УГД се првите полуфиналисти

Лидерот Наковски волеј и второпласираниот тим на табелата Младост УГД ги потврдија своите места во полуфиналето на плејофот во Првата лига за одбојкарки, а ривалите треба да ги добијат најрано в среда, кога се играат реванш-мечевите од преостанатите два четвртфинални дуела. Наковски волеј со две максимални победи над градскиот ривал Струмица жени стигна меѓу четирите најдобри екипи сезонава. Младост УГД по голема борба во пет сета го елиминира од трката за титулата освојувачот на Купот, Вардар ЕМ. Ланскиот финалист, Работнички Скопје, славеше со 3-1 во сетови на гости во Битола против Пелистер волеј и го направи првиот чекор кон следната фаза. Реваншот се игра в среда во Скопје. Бранителот на титулата Јанта волеј КВ ја почна четвртфиналната серија со триумф со 3-1 во сетови на гости кај дебитантот Газели волеј. И овие ривали вториот натпревар ќе го играат в среда. Г.И.


ОДБОЈКА – ПРВА ЛИГА, МАЖИ, ПЛЕЈОФ

Штип УГД и Борец ќе играат во финалето за титулата

Одбојкарите на Штип УГД и Борец од Велес ќе играат за шампионската титула во Првата лига, откако двата клуба ја потврдија фаворитската улога и во два натпревара ја затворија полуфиналната плејоф-серија. Штип УГД го стори тоа со две максимални победи над Работнички 71/22, со што сезонава ќе атакува на двојната круна, а Борец ѝ стави крај на доминацијата на Струмица 47/72, која во изминативе седум години во низа ја чуваше кај себе шампионската титула. Велешкиот тим и во реваншот славеше со 3-1 во сетови. Финалето се игра во три добиени меча, а треба да почне до средината на април, на теренот на Штип УГД. Г.И.