ТАЕКВОНДО

Викендов меѓународен турнир „Скопје опен – Рамус Г1“

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, денеска и утре ќе се одржи меѓународниот таеквондо-турнир „Скопје oпен – Рамус Г1“, кој е во организација на ТК Бутел и Македонската таеквондо-федерација (МТФ). На турнирот се пријавени над 900 натпреварувачи од над 40 земји, вклучувајќи ја и светската елита. Се работи за турнир од олимписката класа Г1, кој носи значајни бодови за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ). Ова е наедно и најголемиот меѓународен таеквондо-турнир организиран во Македонија во последните години. Официјалното отворање на турнирот е денеска во 12 часот, а главни натпреварувачки адути на Македонија, секако се олимпијците Дејан Георгиевски и Милијана Рељиќ, но и другите македонски таеквондисти, кои имаат олимписки потенцијал.
– Организацијата на овој турнир е уште една потврда дека македонското таеквондо не само што со години е водечки спорт по резултатите на меѓународната сцена туку го потврдува својот примат и во организациска смисла, поставувајќи нови стандарди за спортски настани во Македонија – велат од МТФ. Г.И.


ХОКЕЈ НА МРАЗ – НХЛ-ЛИГА

Овечкин сега има 20 сезони во кои постигнува барем 30 гола

Александар Овечкин беше стрелец на два гола и со тоа постигна 30 гола 20-ти пат во својата кариера во хокеарската НХЛ-лига, во победата на Вашингтон на дуелот со Филаделфија со 6-4, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Том Вилсон исто така постигна два гола, Јакоб Чихрун имаше еден гол и две асистенции, а Рајан Леонард додаде еден гол и една асистенција. Пјер-Лук Дубоа имаше четири асистенции за Капиталс, кои имаат три победи по ред додека се обидуваат да се вратат на место на табелата за пласман во плејофот.
Овечкин достигна 30 гола во сите, освен во една сезона, скратена поради пандемијата на ковид-19, во 2020/2021, во која имаше 24 гола на 45 натпревари, пишува АП. Н.М.


Џордан најплатен спортист на сите времиња

Мајкл Џордан останува најплатениот спортист во светот – активен или пензиониран, благодарение на неговото значајно партнерство со „Најк“ потпишано во 1984 година. Неговата вкупна заработка се проценува на повеќе од четири милијарди долари (4,5). Иако одамна ја заврши својата играчка кариера, неговите приходи не престануваат да растат. На второто место е легендарниот голфер Тајгер Вудс со речиси 2,9 милијарди долари, додека португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо е на третата позиција со околу 2,5 милијарди долари. Зад него е НБА-кошаркарот Леброн Џејмс, кој ја проби границата од две милијарди (2,03), а веднаш до него е аргентинскиот фудбалер Лионел Меси (1,99) со малку помала, но сепак импресивна сума на долари, пишува „Спортико“.
Спортисти од 10 спорта се наоѓаат меѓу првите 50, а повеќето од 50-те спортисти се пензионирани, додека само 18 сѐ уште се активни. Џордан ги предводи 13-те играчи од НБА на листата, а голфот е следниот најзастапен со осум, проследен од боксот со седум, предводен од Флојд Мејведер со 1,57 милијарда долари, a 10-ти на сите времиња, пишува „Спортико“. Г.И.