АТЛЕТИКА
Има идеја лондонскиот маратон в година да биде дводневен настан
Организаторите на Лондонскиот атлетски маратон размислуваат в година настанот да го организираат во два дена. Уште не е дадено одобрение, но организаторите велат дека истражуваат начини да им овозможат на повеќе луѓе да учествуваат. Ова доаѓа откако рекордни 1,1 милион луѓе се пријавија за учество во изданието во 2026 година, односно зголемување од 36 отсто во однос на лани, пишува „Би-би-си“.
– Лондонскиот маратон е најпопуларниот маратон во светот и постојано истражуваме иновативни начини да им овозможиме на повеќе луѓе да учествуваат, а наедно да обезбедиме позитивни придобивки за Лондон. Заедно со нашите партнери и засегнати страни ја разгледуваме намерата тој во 2027 година да се одржи во два дена. Нашиот непосреден фокус е да се организира неверојатен Лондонски маратон на 26 април 2026 година и да се обезбеди секој учесник да има неверојатно искуство – изјави портпаролот на Лондонскиот маратон.
Трката во 2025 година ја завршија рекордни 56.640 натпреварувачи. Врз основа на вкупниот број на учесници лани (57.449), само околу пет отсто од вкупниот број пријавени ќе добијат шанса да настапат годинава. Г.И.
КОШАРКА – НБА-ЛИГА
Јокиќ и Мареј заедно постигнаа историски бројки
Денвер стана првиот тим во историјата на НБА-лигата што има еден кошаркар со 50 поени и друг со најмалку по 15 поени, скокови и асистенции во ист натпревар, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Џамал Мареј постигна најмногу поени во сезоната, вкупно 53, а Никола Јокиќ го имаше својот 30-ти т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) сезонава со 23 поени, 21 поен и 19 асистенции во победата на дуелот со Далас со 142-135. Тоа потсетуваше на третиот натпревар од финалето на НБА во 2023 година кога двајцата имаа трипл-дабл со по 30 поени во Мајами, пишува АП.
– Педесет и три од вашиот плејмејкер и 23, 21, 19 од вашиот центар. Едноставно неверојатни бројки од најдобриот тандем во НБА – рече тренерот Дејвид Аделман.
Јокиќ и Мареј победија на 400 натпревари заедно во претходните 10 сезони, вклучувајќи го и плејофот, најмногу во НБА како соиграчи, стигнаа до плејофот две години откако првпат го делеа теренот и ја освоија првата НБА-титула на клубот четири години подоцна, пишува АП. Н.М.
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП
Сезоната ќе биде заокружена со скијачките летови на Планица
Уште една сензационална сезона на скијачки скокови повторно се насочи кон она што многумина очекуваат дека ќе биде соодветно спектакуларно крешендо, бидејќи најдобрите во светот се собираат за завршниот викенд сезонава во Светскиот куп (СК) на Планица (Словенија), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Скијачите скокачи ќе учествуваат во четири натпревари од денеска до недела.
Денеска на леталницата е првиот натпревар, за мажи, утре во женска конкуренција првпат на Планица ќе има натпревар во дисциплината скијачко летање, а мажите ќе имаат тимски натпревар. Сезоната ќе биде заокружена в недела, со уште еден индивидуален натпревар за мажи, по што ќе биде доделена престижната титула „Планица 7“, која му се доделува на најдоследниот изведувач во текот на четирите дена од натпреварувањето; како и малиот кристален глобус во скијачки летови за најдобар во таа дисциплина во Светскиот куп.
Големиот кристален глобус за вкупна титула во СК претходно го обезбедија Словенците Домен Превц во машка и Ника Превц во женска конкуренција. Минатата сезона Домен Превц на натпреварот на Планица постави нов светски рекорд од 254,5 метри. Се очекува до 30.000 луѓе да присуствуваат во нордискиот скијачки центар „Планица“, пишува ФИС. Н.М.
АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Прва титула за Норвежанецот Мекграт
Атле Ли Мекграт (Норвешка) е освојувач на титулата во слалом во Светскиот куп (СК) во алпско скијање сезонава, по завршната трка сезонава, во Лилехамер (Норвешка). Не беше совршена трка од Мекграт, кој беше осми, но кога неговиот најблизок ривал за малиот кристален глобус Лукас Пињеиро Бротен (Бразил) не го заврши второто возење, титулата на Мекграт беше потврдена, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). За Меграт тоа е прва титула (претходно беше трет во слалом во 2022 година). Пињеиро Бротен еден ден претходно го освои трофејот за најдобар во велеслалом за сезонава.
Норвешкото славење беше дополнето со победата во таа трка на Тимон Хауган, кој стана првиот Норвежанец или Норвежанка што победил во слалом на домашен снег во рамките на Светскиот куп, пишува Интернационалната скијачка федерација.
Титулата во генерален пласман сезонава во Светскиот куп ја освои Марко Одермат (Швајцарија), пред Меграт и Пињеиро Бротен. Одермат победи и во спуст и во супервелеслалом. Н.М.































