ШАХ
Историска серија на Џианчао од 158 партии без пораз
Извонредната серија без пораз на кинескиот велемајстор (ВМ) Жоу Џианчао (2.581 рејтинг-поени) заврши во минатиот викенд, по 158 класични парии шах, пишува специјализираната интернет-страница за шах „Чес“. Со тоа тој влезе во историските книги со постигнување на најдолгата серија последователни класични партии без пораз. Џианчао (37), кој ги претставува САД од 2024 година, речиси една година не беше поразен на класичните турнири со рејтинг на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), пишува „Чес“.
Неговата серија заврши кога загуби од италијанскиот ВМ Франческо Сонис во 4. коло на турнирот во Конектикат неодамна. Жоу 158-те партии без пораз ги одигра на 26 турнири со рејтинг на ФИДЕ. Тоа е три партии повеќе од серијата од 155 без пораз на хрватскиот ВМ Богдан Лалиќ во 2010 и 2011 година, пишува „Чес“.
– Не знаев колку партии одиграв без да загубам. Менталитетот е многу важен. Ако размислував, тоа ќе влијаеше на мојот настап и ќе изгубев одамна. Темелно се подготвувам за отворањето на секоја партија и имам одлична емоционална контрола. Исходот не ме засега многу – изјави Жоу за „Чес“. Г.И.
Познати се четвртфиналистите во Купот на Македонија за одбојкарки
Осминафиналните дуели во Купот на Македонија за 2026 година во женска конкуренција не донесоа поголеми резултатски изненадувања, а интересен е податокот дека ланскиот полуфиналист Фит фан волеј годинава настапот го заврши во раната фаза од ова натпреварување, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Фит фан волеј загуби со 0-3 од Вардар ЕМ во соочување што беше и најинтересно во оваа рунда. Статус на четвртфиналист има и бранителот на титулата Наковски волеј, кој со максимален резултат го совлада второлигашот Борец жени, а со истиот ефект и Работнички Скопје, Газели волеј, Младост УГД, Јанта волеј КВ, Пелистер волеј и Струмица жени си обезбедија билет за понатаму.
Четвртфиналните двојки ќе бидат одредени преку полудиригирана ждрепка, при што клубовите ќе бидат поделени во два барабана според пласманот од есенскиот дел на сезоната. Четврт-финалето во Купот на Македонија се игра во еден добиен меч на теренот на подобро пласираната екипа.
Куп на Македонија, осминафинале: Наковски волеј – Борец жени 3-0, Работнички Скопје – Ново Село 3-0, Газели волеј – Виола волеј 3-0, Младост УГД – Форца волеј ЕМА 3-0, Јанта волеј КВ – Вардар жени 3-0, Пелистер волеј – Фламинго волеј 3-0, Струмица жени – Ускана 3-0, Вардар ЕМ – Фит фан волеј 3-0. Г.И.


































