ШАХ
Јануарската листа на ФИДЕ донесе неколку значајни промени
Првиот месец од годината донесе неколку значајни промени на врвот на рангирањата на шахистите на листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Една од нив е враќањето на Тан Жонгји (2.535 рејтинг-поени) од Кина меѓу првите пет шахистки по нејзиниот силен настап на Кинеската шаховска лига, пишува ФИДЕ. На листата на најголеми добитници овој месец доминираат жени. Рејчел Ли од САД (2.358 рејтинг-поени) ја предводи категоријата по одличниот настап на 35. Северноамерикански отворен турнир, каде што освои 30 поени за првпат да биде меѓу првите сто шахистки во светот. Солидниот настап на Амина Каирбекова (2.379) на Мариенбад опен ѝ донесе 31 поен, со што Kазахстанката се искачи на 61. место, за нејзин највисок пласман во кариерата. Блескајќи на Националното тимско првенство и на Отвореното првенство на Израел, Марсел Ефроимски (2.397) освои 22 поена за првпат да биде меѓу првите 50 жени во светот. Продолжувајќи ја својата нагорна траекторија од минатиот март, младиот Јагиз Кан Ердогмуш од Турција (2.669) додаде уште 11 поени, откако го победи Максим Вашер-Леграв во Судирот на генерации 2, што го обележи неговиот прв пласман меѓу првите 50 во светот.
На светската машка рејтинг-листа нема промени меѓу првите десет, води Норвежанецот Магнус Карлсен (2.840), а тој е прв и во забрзан (2.832) и во брз шах (2.869). Кај шахистките прва и понатаму е Јифан Хоу (2.596). И на македонската листа нема промени меѓу првите десет, а води ВМ Евгени Романов (2.576). Најмногу поени, 133, освои Мајкл Бурнс (2.137) и се искачи од 60-то на 31-то место. Кај шахистките и понатаму прва е ЖФМ Моника Стојковска (2.075). Македонија (мажи) е на 55-то (2.425), а Македонија (жени) 72-то место (1.919) меѓу 204 федерации. Кај мажите први се САД (2.727), пред Индија (2.712) и Кина (2.654), а кај жените води Кина (2.493), пред Индија (2.400) и Украина (2.383). Г.И.
ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ШКВ СКОПЈЕ 72
Ветерански турнир во брз шах „Еснаф 2026“
Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72 ќе го организира првиот еднодневен турнир годинава во брз шах за ветерани „Еснаф 2026“, кој во девет кола ќе се одржи утре во Скопје, од 10.30 часот, и ќе се игра за рејтинг во Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Право на учество имаат сите шаховски ветерани од Скопје (родени 1966 година и порано) и посебно поканети гости. Поради организациско-технички причини, бројот на учесници на турнирот се лимитира на 26 шахисти од пријавените, при што организаторот на турнирот го задржува правото при поголем број пријавени играчи да направи селекција со предност на членовите на клубот и според силината (рејтингот) на играчите. Директор на турнирот е Александар Сидоровски, а судија Љубомир Хаџи-Манев. Прогласувањето на победниците и доделувањето награди се предвидени за 14.30 часот. Досега на турнирот се пријавени 26 шахисти, од кои двајца ФИДЕ-мајстори (ФМ), а прворангиран е ФМ Јани Богоевски (2.122 рејтинг-поени). Г.И.

































