ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ШКВ СКОПЈЕ 72

Денеска и утре ветерански турнир во брз шах „Снежник 2025“

Во почетокот на зимата, а во чест и слава на големиот заштитник и добротвор Свети Никола, шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72 го организира традиционалниот ветерански турнир со забрзано темпо на игра „Снежник 2025“, денеска (од 10.30 часот, пет кола) и утре (од 11 часот, четири кола), во просториите на ресторанот „Еснаф“ во Скопје. Турнирот ќе се бодува во Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Ова е уште еден од многуте успешни турнири годинава што ги организираат неуморните ветерани на ШКВ Скопје 72. Поради организациско-технички причини, бројот на учесници се лимитира на 26 шахисти, при што организаторот го задржува правото при поголем број пријавени шахисти да направи селекција според нивниот рејтинг. ФИДЕ-судијата Исмаили Вахидин ќе ја дели правдата на турнирот. На еден ден пред почетокот на турнирот се пријавени 26 шахисти, од кои двајца ФИДЕ-мајстори (ФМ), а прворангиран е ФМ Александар Кралевски (2.097 рејтинг-поени). Г.И.


ФУДБАЛ

Финалисима помеѓу Шпанија и Аргентина ќе се игра во март, во Катар

Спектакуларниот дуел, т.н. Финалисима, помеѓу европскиот првак Шпанија и првакот на Јужна Америка, Аргентина, ќе се одигра на стадионот „Лусаил“ во Катар, на 27 март 2026 година, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).
Овој натпревар помеѓу актуелните прваци на тие два континента е воведен како дел од тесно партнерство помеѓу Европската фудбалска унија и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ).
Аргентина, актуелен светски шампион, славеше во првото издание на Финалисима, играно во 2022 година, победувајќи ја Италија со 3-0 на стадионот „Вембли“, во Лондон. Н.М.


КОШАРКА

Јокиќ стана рекордер во асистенции меѓу центрите во НБА-лигата

Никола Јокиќ имаше 23 поени, 13 асистенции и 11 скока, станувајќи лидер во кариерата според асистенции меѓу центрите, во победата на Денвер на натпреварот со Орландо со 126-115, во кошаркарската НБА-лига, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Јокиќ, кој има 13 т.н. трипл-дабл мечеви сезонава (двоцифрен ефект во три статистички категории), влезе во натпреварот со шест асистенции помалку од Карим Абдул-Џабар, кој имаше 5.660, а Јокиќ стана рекордер во првото полувреме, кога му асистираше за тројка на Џален Пикет, пишува АП. Н.М.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Одермат е на пат третпат по ред да освои четири титули во СК

Можеби е само почеток на сезоната, но Марко Одермат (Швајцарија) веќе го трасира патот кон кристалните глобуси во Светскиот куп (СК) во генерален пласман и во спуст во алпско скијање, кои ги освои минатата сезона, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Одермат славеше и во вториот спуст сезонава, во италијанскиот скијачки центар Вал Гардена, во четвртокот, и го зацврсти водството во таа дисциплина. Тој вчера го освои второто место во третиот сезонски супервелеслалом, во Вал Гардена, зад Јан Забистран од Чешка. Денеска во истиот скијачки центар на ред е уште една трка во спуст.
Швајцарскиот скијач сезонава забележа пет победи (ниту еден друг скијач нема повеќе од една сезонава). Тој славеше во по два велеслалома и спуста и еднаш во супервелеслалом и има по едно второ (супервелеслалом) и трето место (велеслалом). Одермат води во генералниот пласман, каде што по 12 трки сезонава има повеќе од двојно повеќе бодови од најблиските ривали, а е прв и на табелите во спуст, супервелеслалом и во велеслалом. Во минатите две сезони, Одермат ги освои сите тие четири титули во Светскиот куп.
Победата во спустот завчера беше 50-та во кариерата на Одермат во СК, изедначувајќи се со легендарниот Алберто Томба (Италија) на делба на четвртото место меѓу скијачите. На таа листа води Ингемар Стенмарк (Шведска) со 86 победи, а потоа се Австријците Марсел Хиршер со 67 и Херман Маер со 54 триумфа. Н.М.