Нов рекорд за најмлад шахист со рејтинг

Индиецот Сарвагја Сингх Кушваха стана најмладиот шахист што добил официјален рејтинг на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), на возраст од три години, седум месеци и 20 дена, и го надмина претходниот рекорд на сонародникот Аниш Саркар, кој имаше три години, осум месеци и 19 дена кога ја достигна таа пресвртница во ноември лани, пишува британски „Гардијан“. Кушваха има рејтинг од 1.572 во забрзан шах. За да добие рејтинг од ФИДЕ, играчот треба да победи барем еден играч со рејтинг на ФИДЕ. Рејтингот е резултат што ги мери силните страни на шахистот врз основа на неговите перформанси и не е исто што и рангирање, пишува „Гардијан“. Светскиот шахист број еден, Норвежанецот Магнус Карлсен, е најдобар во забрзан шах со рејтинг од 2.824 поени. Кушваха победи тројца шахисти со рејтинг за да го обезбеди својот статус на рекордер. Индија има многу силни шаховски велемајстори и создаде врвни шаховски ѕвезди, вклучувајќи го актуелниот светски шампион Домараџу Гукеш, како и поранешниот петкратен светски првак, Вишванатан Ананд, пишува „Гардијан“. Г.И.


ТЕНИС

Алкараз и Швјонтек остварија најмногу победи годинава

Шпанецот Карлос Алкараз оствари најмногу победи годинава од кој било друг тенисер. Тој блескаше на терените низ светот со вкупно 71 победа и девет порази и е само шестиот играч во овој век што има повеќе од 70 победи и помалку од 10 порази во една сезона (претходно Роже Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ, Енди Мареј и Јаник Синер). На машката турнеја немаше конкуренција, бидејќи ниту еден друг тенисер годинава не стигна до 60 победи. На второто место е Италијанецот Синер со 53 победи и шест порази.
Во женска конкуренција, по ВТА-финалето, Белорусинката Арина Сабаленка имаше најмногу победи, 63 и 12 порази, но со двете победи во купот „Били Џин Кинг“ една недела подоцна, Ига Швјонтек од Полска ја престигна со вкупно 64 победи и 17 порази. Таа е на врвот кај тенисерките според бројот на победи четири години во низа. Г.И.