ШАХ – ТУРНИР ВО БЕЛГРАД

Прво реми на Станојоски

Македонскиот велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски (2,345 рејтинг-поени, рангиран седми пред почетокот на турнирот), по четирите победи го забележа првото реми, во петтото коло на 38-от традиционален меѓународен турнир „Трофеј на Белград 2025“, во Белград (Србија). Тој по 11 потези игра без голем ризик го подели поенот со ВМ од Србија, Борко Лајтхајм (2.359, рангиран шести). На четири кола пред крајот на турнирот членот на ШК Алкалоид има 4,5 поени и е на делба од првото до шестото место на табелата. На турнирот „Трофеј на Белград 2025“ учествуваат 146 шахисти од 13 држави (шест ВМ, еден ЖВМ, пет ИМ, еден ЖИМ, 15 ФМ, два ЖФМ). Станојоски во 2006 и во 2007 година го освои првото место, а лани беше втор. Г.И.


ОДБОЈКА – КУП НА ЦЕВ

Јанта Волеј загуби од Младост

Македонскиот женски одбојкарски шампион Јанта Волеј загуби со 0-3 во сетови (6-25, 12-25, 19-25) на свој терен од хрватскиот клуб Младост од Загреб, во првиот меч од шеснаесеттинафиналето во Купот на ЦЕВ. Во тимот на Јанта Волеј, Мери Бошковска и Бојана Мароевиќ со по седум поени беа најефикасни, но недостигаше искуството на Татјана Јаневиќ, која го пропушти овој меч. Реваншот се игра на 3 декември (од 20 часот), во Загреб. Г.И.


КИКБОКС

Илиоски освои, а Мировски обезбеди најмалку бронза на СП 2025

Македонскиот кикбоксер и актуелен светски првак Бобан Илиоски (тежинска категорија до 86 кг) освои бронзен медал на Светското првенство (СП) во Абу Даби (ОАЕ), во дисциплината К1, но поради обновена повреда не можеше да продолжи да се бори во полуфиналето и со тоа го заврши својот настап. Во четврт-финалето тој го победи Раул Сунара од Хрватска со 2-1, а во полуфиналето требаше да ги одмери силите со Мухамед Гамал Афифи Халед од Египет.
– Тешко е да се прифати ова, но нема бегање од реалноста. Време е да се посветам на тренерската работа, да вложам сѐ во мојот клуб и да создадам нови шампиони. Ова не е крај, ова е нов почеток – напиша Илиоски на социјалните мрежи.
Вториот македонски натпреварувач што освои најмалку бронза, а може да стигне и повисоко, е Силвио Мировски (до 71 кг). Тој се пласира во полуфиналето откако го победи Павел Кониечни од Полска со 3-0. Претходно ги совлада Мухамед Карими од ОАЕ (3-0) и Лазар Ступар од Србија (3-0). Г.И.


РАКОМЕТ

Донација на топки и герфлор-подлога од ИХФ

Неделава беше реализирана донација на по 10 ракометни топки за машките клубови во Првата лига, како и за клубовите во Суперлигата и Првата лига за жени, а во соработка со Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
– Ракометната федерација на Македонија (РФМ), на тој начин продолжува посветено да ги поддржува клубовите, создавајќи подобри услови за развој и за унапредување на нашиот спорт. Наедно, пристигна и новата герфлор-подлога за потребите на РФМ, што е уште една донација од ИХФ. Изразуваме голема благодарност до ИХФ за континуираната поддршка, довербата и вложувањето во македонскиот ракомет. Заедно градиме посилна иднина – велат од РФМ. Г.И.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Арсенал е прв без загубен бод, со најдобра гол-разлика и само еден примен гол

Арсенал прв обезбеди пласман во нокаут-фазата на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако по пет кола води со максимални 15 бода и теоретски има сигурно учество во доигрувањето. Од лигата со 36 тима, првопласираните осум директно ќе играат во осминафиналето, а следните 16 екипи ќе настапат во плејофот за пласман меѓу 16-те најдобри екипи сезонава во Лигата на шампионите.
Англискиот премиерлигаш во петтото коло, во средата, го победи Баерн со 3-1, дома, и сега е осамен на врвот, без загубен бод, со најдобра гол-разлика и со најдобра одбрана, откако прими само еден гол. На табелата зад Арсенал со по два бода помалку се Пари сен Жермен, Баерн, Интер и Реал Мадрид, по 10 освоени бода имаат Борусија Дортмунд, Челси, Спортинг, Манчестер сити и Аталанта… Н.М.