КОШАРКА

Почнуваат подготовките на репрезентацијата за претквалификациите за ЕП 2029

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Марјан Илиевски, го објави списокот на кошаркари на кои смета за претстојните натпревари со селекциите на Азербејџан и на Република Ирска, во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП), во 2029 година. Собирот на репрезентацијата е закажан за денеска во СРЦ „Кале“, првиот натпревар е в четврток со Азербејџан дома, а три дена подоцна е мечот на гости со Ирска. Македонија досега настапи на пет европски првенства, најдобриот пласман го оствари во 2011 година во Литванија, кога ја освои четвртата позиција.
Состав: Војдан Стојановски, Андреј Магдевски (МЗТ Скопје), Стојан Ѓуроски (Работнички), Бобан Стајиќ, Андреј Митревски, Лука Стојановски (Пелистер), Виктор Ташовски, Страхил Николов (ТФТ Скопје), Теодор Симиќ (Кожув), Адем Мекиќ (Бора, Косово), Ваљмир Какруки (Сигал Приштина, Косово), Лејсон Зеќири (Башкими, Косово), Андреј Јакимовски (Тренто, Италија), Џејкоб Вајли (Ритас, Литванија), Омари Мур (Валенсија, Шпанија), Нејт Сестина (Олимпија, Милано, Италија). Г.И.


ФИБА ги одреди организаторите на младинските европски првенства за 2026 година

Интернационалната кошаркарска федерација (ФИБА) на седница во Букурешт (Романија) ги потврди домаќините на наредните европски шампионати, па, така, машката репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 18 години ќе биде дел од Европското првенство (ЕП), дивизијата Б, во јули и во август, во Риека и во Опатија (Хрватска). Репрезентацијата за кошаркари до 20 години ќе патува во Братислава (Словачка), каде што во јули ќе настапи на ЕП, дивизијата Б. Кадетската репрезентација ќе биде дел од дивизијата Б на ЕП во август, а местото дополнително ќе биде потврдено. Во 2026 година женската младинска репрезентaција на Македонија за кошаркарки до 18 години ќе учествува во јули и во август во дивизијата Б на ЕП во Романија. Г.И.


ШАХ – СВЕТСКИ КУП

За финалистите ќе решаваат дополнителни партии

И вторите класични партии од полуфиналето на Светскиот куп (СК) во Гоа (Индија), помеѓу Узбекистанците Јавохир Синдаров (2.721 рејтинг-поени) и Нодирбек Јакубоев (2.689), односно Русинот Андреј Есипенко (2.693) и Кинезот Веи Ји (2.752) завршија без победник, па резултатот е 1-1. Уште еднаш ниту една партија не заврши со победник, па финалистите ќе бидат познати по одигрувањето на т.н. тајбрејк. На СК се одредуваат три места на Турнирот на кандидатите (ФИДЕ) за предизвикувач на светскиот првак, меч што ќе се одржи во 2026 година. Во конкуренција на 206 шахисти, Светскиот куп се игра по нокаут-систем, во осум кола. Г.И.