ТАЕКВОНДО
Рељиќ деветта на СП 2025 и покрај добиената повреда

Најдобрата македонска таеквондистка, членка на клубот Тигар од Скопје и учесничка на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, Милијана Рељиќ (категорија до 62 кг), го освои деветтото место на Светското првенство (СП) Г14, кое се смета од највисок ранг, во Вуси (Кина).
– Во првото коло, Милијана беше слободна поради доброто рангирање, а во второто во извонредна борба ја победи Селидиене Карнеиро од Бразил со 2-0 во рунди (6-4 и 6-5). Во втората рунда Милијана губеше со 3-5 на помалку од една секунда пред крајот, со удар во глава освои три поени за целосен пресврт и победа. А колку се силни претставничките од Бразил покажува и фактот дека во категориите до 57 кг и до 67 кг се закитија со злато, односно со сребро. Во оваа борба Милијана доби сериозна повреда на бутниот мускул и едвај можеше да се движи, но среќа што имаше три часа пауза за малку да закрепне, иако беше прашање дали може да настапи против Ксимин Чен од Кина. Сепак, собравме сили и мотивација, направивме тактика да ја користи само левата нога и со удари со рака да се обиде да победи. Во првата рунда беше нерешено 0-0, но судиите не ни дадоа ниту еден поен со удар со рака од шест чисти. Во втората рунда Милијана загуби со 3-4, но повторно не доби поени со удар со рака иако овој пат имаше три. Да не добиеше силна повреда против Бразилката, ќе прикажеше многу подоминантна борба и сигурно ќе стигнеше до медал. Рељиќ заврши на високата деветта позиција и собра нови 21,17 поен за олимписката ранг-листа во квалификациите за ЛОИ 2028. Со овие поени таа треба да се најде меѓу првите 20, а целта е да остане меѓу првите 32 до јуни 2026 година и да може да се натпреварува на четирите гранпри-турнири Г6, кои носат многу поени за ЛОИ 2028 – вели тренерот Александар Ефтимов. Г.И.


ОДБОЈКА

Јанта волеј се пласира во третото коло од квалификациите за ЛШ

Одбојкарките на македонскиот шампион Јанта волеј се пласираа во третото коло од квалификациите за пласман во Лигата на шампионките (ЛШ), откако и во реваншот, на гости, славеа на дуелот со Гацко од Требиње (БиХ) со 3-2 во сетови (26-24, 21-25, 19-25, 25-18, 15-13). На домашен терен пред седум дена скопјанки победија со 3-2. Екипите одиграа сличен меч, со многу пресврти и возбудливи поени, за на крајот одново во тајбрејк да се одлучува кој ќе оди понатаму. Мери Бошковска со 17 поени беше лидер кај Јанта волеј, средните блокери Јасмин Ледесма и Татјана Јаневиќ реализираа по 12 поени, а Ана Старчевиќ впиша 11 поени. Во следната рунда од квалификациите Јанта волеј ќе се сретне со францускиот клуб Волеро ле Кане.
Македонскиот претставник во Челенџ-купот, Наковски волеј, со 0-3 во сетови (13-25, 9-25, 10-25), е поразен од чешката Острава во првиот меч од квалификациите. Репрезентативката Лиља Ковачевиќ беше најефикасна со седум поени, а Мила Долдурова, Ивана Милева и Ива Стојковска реализираа по четири поени. Реваншот е на 5 ноември во салата „Парк“ во Струмица. Г.И.


Селекторот Ашаданов повика 16 кошаркарки за квалификациите за ЕП 2027

Селекторот на репрезентацијата на Македонија, Александар Ашаданов, го објави списокот со 16 кошаркарки (од кои осум се интернационалки), на кои смета за претстојните натпревари во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2027 година во Белгија, Финска, Литванија и во Шведска. Најдобрите кошаркарки на Македонија ќе тренираат во Скопје, а првиот собир е закажан на 10 ноември во СРЦ „Кале“ во Скопје. Во првиот дел од квалификациите од групата Ф, Македонија ќе одигра два дуела дома со Данска на 12 ноември и со Грција три дена подоцна, и еден на гости, со Хрватска, на 18 ноември.
Состав: Анџелика Митрашиновиќ (Фрибург, Швајцарија), Илина Селцова (Ѓер, Унгарија), Мерит Хемпе (Сарагоса, Шпанија), Александра Стојановска (Неа Јониа, Грција), Матеа Николиќ (Баскет Алкамо, Италија), Тијана Митрева (Баскет Алкамо, Италија), Милица Николиќ (Рас, Србија), Ања Начевска (Мега, Србија), Ивана Кметовска (Баскет Кам 2011), Цветанка Димова (Баскет Кам 2011), Михаела Алексовска (Крива Паланка), Мартина Маркоска (Бадел 1862), Ива Чолакоска (Бадел 1862), Марија Николов (Бадел 1862), Елена Тасевска (Вардар), Јана Пислевска (Вардар). Г.И.