КОШАРКА
МЗТ Скопје и Баскет Кам победија во Суперкупот
Кошаркарите на МЗТ Скопје петти пат во низа (од вкупно осум) го освоија Суперкупот на Македонија „Драган Василов-Цевка“. Во неизвесен натпревар, кој беше решен во последната минута, МЗТ Скопје го совлада Кожув од Гевгелија со 71-65. Кај МЗТ Скопје најефикасен беше Ентони Гил со16 поени, Илајџа Мекејден и Војдан Стојановски имаа по 13 поени. Кај Кожув, Родни Первис постигна 21 кош, Теодор Симиќ девет…
Кошаркарките на Баскет Кам се нови-стари освојувачи на овој Суперкупот, откако со подобра игра во второто полувреме остварија победа со 63-44 на средбата со екипата на Вардар. Баскет Кам на тој начин четврти пат во низа во претходните пет сезони го освои трофејот. Ивана Кметовска од Баскет Кам оствари т.н. дабл-дабл ефект (двоцифрен ефект во две статистички категории), со 20 поени и 12 скока, а имаше и четири асистенции. Дабл-дабл оствари и Цветанка Димова со 20 поени и 16 скока. Кај Вардар, 10 поени имаше Марија Митева, а осум постигна Јана Пислевска… Г.И.
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Погачар ја одбрани светската титула
Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар ја освои титулата светски шампион во друмски велосипедизам на Светското првенство (СП) што се одржа во Кигали (Руанда). На првото планетарно првенство што се одржа во Африка, Словенецот ја освои својата втора титула светски шампион во низа, пишува „Би-би-си“.
Погачар ја помина делницата долга 267 километри за вкупно шест часа, 21 минута и 20 секунди. Тој сам ги возеше последните 66 километри од оваа трка на СП 2025 и на крајот победи со предност од една минута и 28 секунди пред второпласираниот Ремко Евенепул од Белгија, а третото место го освои Бен Хили од Република Ирска, со две минути и 16 секунди побавно време од победникот.
– Бев оставен сам многу рано, одев сам како минатата година и се борев сам, па среќен сум што успеав. Круговите стануваа сѐ потешки, а спустовите не беа толку брзи, па уште мораше многу да вртам со педалите, а моите енергетски ресурси одеа кон крајот. Беше неверојатно искуство и успешна недела – рече Погачар, пренесе „Би-би-си“. Г.И.