Фото: Маја Јаневска Илиева

Бодана Сиванандан стана најмлада шахистка што победила велемајстор

Десетгодишната Бодана Сиванандан (рејтинг 2.216), женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ), на 111. Британското првенство во шах за годинава, во Ливерпул, стана најмладата шахистка што некогаш победила велемајстор (ВМ) и најмлада што некогаш ја освоила титулата женски интернационален мајстор (ЖИМ), информира шаховскиот сајт „Чес“. Во меѓувреме, ВМ Мајкл Адамс ја освои својата деветта национална титула, откако победи во драматичен плејоф во три партии, пред ВМ Стјуарт Конквист (рејтинг 2.511) и ИМ Петер Робертсон (2.407), сите со по седум бода во регуларниот дел, пишува „Чес“.
Бодана на Британското првенство ја обезбеди својата трета и последна норма за ЖИМ со нејзиниот резултат пет поени од девет можни, собра и 24 рејтинг-поени, со што го подели 26-то место, што е уште едно неверојатно достигнување од шаховската ѕвезда во подем. Поважно е што настапот беше доволен за да ја обезбеди својата трета и последна норма за титулата ЖИМ, што ја прави најмлада шахистка што некогаш го постигнала тоа, на возраст од 10 години, пет месеци и три дена, и за една година го собори рекордот стар една деценија. Тоа не беше единствениот рекорд што го постави младата ѕвезда. Титулата беше освоена кога таа чудесно го победи искусниот ВМ Питер Велс во прекрасно одиграна партија. Повеќе од 1.000 играчи од целата земја учествуваа на шампионатот, кој вклучуваше неколку групи со ограничување на возраста и рејтингот, но главниот настан беше шампионската група од 69 играчи, во која учествуваа 14 ВМ и 18 ИМ. Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЛЕТАЧКИ СТАРТ НА 200 М

Ричардсон постави два светски рекорда за два дена

Британецот Мет Ричардсон (26) го собори сопствениот светски рекорд во летачки старт на 200 метри, еден ден откако стана првиот велосипедист што извози побрзо од девет секунди во оваа дисциплина на велодромот во Коња, Турција, пишува „Би-би-си“. Спринтерот сега го подобри рекордот во летачкиот старт на 200 метри во три наврати, откако накратко првпат го држеше рекордот во 2024 година, додека ја претставуваше Австралија на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз. Ричардсон прво го надмина дотогашниот рекорд на Холанѓанецот Хари Лаврејсен од 8,941 секунди, а го подобри следниот ден и сега изнесува 8,857 секунди, пишува „Би-би-си“.
– Знаев дека ако дојдам со добра изведба и возам што е можно поблиску до црната патека, ќе биде побрзо и тоа се случи. Се чувствувам доста добро, со големо, големо олеснување. Знаев дека вчера имаше уште во „резервоарот“, така што очигледно бев многу возбуден поради вчерашниот ден, но бев гладен за повеќе – рече Ричардсон.
Ричардсон, кој ја смени националноста назад во Велика Британија во август 2024 година, е роден во Кент, но се пресели во Западна Австралија на деветгодишна возраст и задржа двојно државјанство во текот на 16-те години живеење таму. Трката со летачки старт на 200 метри не е натпревар за освојување шампионски медал, туку се користи како квалификациски натпревар за рангирање на велосипедистот во натпреварувачкиот спринт, пишува „Би-би-си“. Г.И.